Во обид да влезат во Градското собрание протестантите фрлале камени коцки, стапови и факели / Photo: AA

Полициската акција траела цела ноќ по инцидентите пред собранието во Белград и досега се приведени 38 лица, изјави шефот на полициската управа Ивица Ивковиќ, кој истакна дека припадниците на МВР биле крајно воздржани и дека го трпеле нападот на протестантите цели три часа.

„За воздржаноста на полицијата не треба ни да се коментира, со оглед на нападот кој траеше три часа, се со некаква надеж дека овој каприц и напад на хулиганство ќе престане. Ја ценевме ситуацијата кога ќе интервенираме и кога требаше да употребиме дополнителни сили. Во 21.50 часот со појавување на припадници на Жандармеријата, голем број од овие „херои“ побегнале од местото. Употребата на полициските единици беше исклучиво во согласност со законот на начин предвиден со современиот полициски закон“, изјави тој за РТС.

Ивковиќ изјави дека најголемиот број од тие лица се осомничени за сторено кривично дело повикување на насилна промена на уставниот поредок, член 309 од Кривичниот законик на Србија и насилничко однесување на спортски настан, член 344а од Кривичниот законик на Србија.

Тој истакна дека во нападот на хулиганите биле употребени камени коцки, стапови и факели.

„За жал, имаме дел од припадници на МВР кои се повредени, вкупно осуммина. Во текот на денешниот ден, еден наш член го очекува хируршки зафат во Клиничкиот центар на Србија. Двајца полицајци се со тешки физички повреди, а на еден од нив се очекува денеска да му биде извршена хируршка интервенција“, изјави Ивковиќ.

Тој потсети дека синоќа пред просториите на Републичката изборна комисија (Градско собрание) ненајавен народен собир одржа коалицијата Србија против насилство.

„Веќе за време на самиот јавен собир на присутните им се обратија повеќе политички претставници од споменатата коалиција и од овие говори сите можевме да го насетиме и предвидиме натамошниот развој на ситуацијата. Околу 18.50 часот дел од народот кој се собра пред Републичката изборна комисија се упати кон платото пред градското собрание на Белград. Во таа прилика околу 18.55 часот се обиделе насилно да влезат во објектот, но биле спречени од припадници на МВР“, изјави Ивковиќ.

Тој додава дека на барање на МВР, пред изборите била одржана средба со коалицијата Србија против насилство, кога тие апсолутно негирале дека може да дојде до насилство и дале гаранции дека такво нешто нема да има.

Ивковиќ рече дека е очигледно оти е зголемено влијанието на странските служби, но посочи дека МВР има сила да му одолее.

„Блокадата на државните институции и мостови нема да се толерира. Припадниците на МВР против сите ќе поднесат соодветни пријави“, заклучи началникот на Полициската управа.


TRT Balkan / агенции
Популарни