Претседателите Зоран Милановиќ и Борут Пахор, копретседатели на Процесот Брдо-Бриони, иницијатива покрената од Словенија и Хрватска, денеска се домаќини на претседателите на земјите од Западен Балкан во Брдо кај Крањ. На состанокот ќе се разгледуваат начините како да се забрза патот на земјите од Западен Балкан кон членство во Европската Унија.
На средбата најавено е присуството на албанскиот претседател Бајрам Бегај, членовите на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ, претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, претседателот на Косово Вјоса Османи, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски и претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Овогодинешниот состанок ќе биде можност да се разговара за актуелните состојби во регионот и за нов повик до членките и институциите на Европската унија за забрзување на процесот на проширување, се вели во најавата за настанот.
Србија и Црна Гора веќе преговараат со ЕУ, Албанија и Северна Македонија ги отворија преговорите во јули по долгогодишна стагнација, а Косово и Босна и Херцеговина сè уште чекаат кандидатски статус.
Состаноците на самитот на Процесот Брдо-Бриони се одржуваат од 2013 година на иницијатива на Хрватска и Словенија. Иницијативата вообичаено е домаќин на претставници од земјите надвор од Југоисточна Европа, но никој не е најавен годинава.
Таа улога во Дубровник ја имаше германската канцеларка Ангела Меркел во 2014 година, францускиот претседател Франсоа Оланд беше на првата средба во Брдо во 2013 година, а минатата година во истиот замок беше и францускиот претседател Емануел Макрон. Во 2015 година на средбата беше тогашниот американски потпретседател , а денес претседател Џо Бајден.
Милановиќ во неделата пристигна во Словенија. Тој во Љубљана оствари работна средба со Пахор на која разговараше за темите на средбата, соопшти Кабинетот на претседателот на Република Хрватска.