Процес Брдо-Бриони: Стабилноста и просперитетот на регионот се меѓузависни / Photo: TRT Balkan

Процесот Брдо-Бриони е единствен механизам за соработка на ниво на претседатели во регионот и е особено значаен затоа што стабилноста и просперитетот на регионот се меѓузависни и е повеќе од потребно, отворено да се зборува за најтешките прашања, да се бараат одржливи решенија и да се затвораат отворените прашања.

Сумирано, ова е пораката која ја упатија претседателите на Северна Македонија, Хрватска и Словенија, Стево Пендаровски, Зоран Милановиќ и Наташа Пирц Мусар, на заедничка прес-конференција по одржувањето на состанокот на учесниците на Брдо-Бриони процесот во Скопје.

„Ова е значаен ден за нас, бидејќи денес имаме чест да бидеме домаќини на претседателите на земјите учеснички на Брдо-Бриони процесот, кој е единствен механизам за соработка во регионот на ниво на шефови на држави“, рече македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Тој информираше дека првата тема на денешниот состанок беше, како што рече, приоритетот број еден за земјите од Западен Балкан, а тоа се европските аспирации. „Стабилноста и просперитетот во регионот се меѓузависни. Затоа е повеќе од потребно, отворено да зборуваме за најтешките прашања, да бараме одржливи решенија и да ги затвораме отворените прашања. Исто така, со заеднички напори мора да издејствуваме западниот Балкан да се врати целосно на европската агенда и таму да остане“, истакна Пендаровски.

Нагласи дека е несомнено оти иднината, не само на нашиот регион, туку и на светот, ќе биде дефинирана од најголемиот глобален предизвик, а тоа се климатските промени.

„Во таа смисла, сите сме согласни дека мораме да ги зајакнеме нашите напори во оваа глобална трка со времето, со носење на решенија кои ќе ги ублажат негативните последици од климатските промени, а, ќе вклучуваат општествена, политичка и регионална солидарност“, нагласи Пендаровски.

Иселувањето на младите: Наголем предизвик за регионот

Пендаровски рече дека со колегите од регионот разговарале за најголемиот предизвик за регионот - иселувањето на младите.

„Заеднички заклучок на сите присутни беше дека доколку не му застанеме на патот на овој тренд и тој не биде успорен со конкретни политики нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов можеме да ја антиципираме. Нашата заедничка порака е да ги удвоиме и билатералните и регионалните напори за создавање перспективи за младите да останат во регионот и да се реализираат во сопствените земји“, потенцираше Пендаровски.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ посочи дека охрабрувачки знак е тоа што атмосферата на денешниот состанок била подобра од последните два.

„Разговаравме за теми кои не поврзуваат и имаат таков потенцијал, а за оние кои се уште не се решени, не, бидејќи искуството покажа дека тоа е контрапродуктивно, па дури и штетно“, изјави Милановиќ.

Единствен процес за соработка во регионална сопственост

Според Милановиќ, ова е единствен процес што е во регионална сопственост, и нема ментори од страна, комисии и други членки на ЕУ.

„Неколку пати во претходните години знаеше да гостуваат промотори и ментори. Тоа го гледав од друга позиција тогаш и не ми се допадна премногу. Во политичка смисла сите сме полнолетни како држави и политички нации. Разговараме во овој формат и мислам дека треба така да продолжи“, изјави Милановиќ.

ЕУ и младите во фокусот на разговорите

Словенечката претседателка Наташа Пирц – Мусар, посочи дека имале конструктивен разговор, на кој најголемо внимание посветиле на Европската Унија и младите.

„Словенија ги поддржува сите земји од Западен Балкан во процесот на приближување и секогаш сме подготвени да помогнеме со своите сопствени искуства“, изјави Пирц-Мусар.

Пирц-Мусар, изрази задоволство дека е усогласена заедничката декларација, која за првпат идентификува и неколку конкретни акции. Таа нагласи дека Процесот Брдо-Бриони ќе продолжи и дека веќе има двајца кандидати каде да се одржи следниот состанок.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите.

Покрај домаќинот на состанокот, македонскиот претседател Пендаровски и ко-домаќините, хрватскиот претседател Милановиќ и словенеката претседателка Пирц-Мусар, присуствуваа и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи Садриу, претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина: Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Процесот Брдо-Бриони

Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Процесот Брдо-Бриони е регионална инцијатива која поттикнува политички дијалог меѓу земјите од регионот со отворени прашања. Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.

TRT Balkan
Популарни