Професорката Билјана Ванковска ќе биде кандидат на партијата Левица за претседателските избори.
Ова на прс конференција го соопшти претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој истакна дека го имаат најдобриот кандидат.
Ванковска, пак, порача дека нема да биде политичка манекенка или случаен минувач во политиката.
„Јас се чувствувам како дел од тимот, иако не сум член на партијата Левица. Јас не молчев кога сите молчеа. Мојата основна функција е професорската и таа останува. Пред 10 години јас се обидов како независен кандидат се обидов да влезам во оваа постапка, без никаква организациска и финансиска поддршка, и тоа беше за мене едно многу позитивно време. Ако се прашувате зошто по една деценија повторно излегувам на истиот терен, ќе ви кажам дека оттогаш многу нешта се променија и овојпат нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката. Овојпат сум навистина со многу поголема самодоверба дека сега постои еден тим, верувале или не, дел од овој тим беше дел од мојот тим пред 10 години. Во меѓувреме, оваа генерација на млади и борбени политичари направи политичка партија за респект. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност. За 10 години, Македонија е сѐ што немаме. За 10 години, Македонија е во многу лоша ситуација“, порача Ванковска.
Според професорката, нејзиното знаење од областа на политичкиот систем на Македонија, меѓународната безбедност, демократската контрола на безбедносните структури ќе ѝ помогне да го најде сопствениот компас.
„Ако сега не докажам дека сум левичар во пракса, тогаш немам право и во своите колумни да се декларирам како левичар. Јас сум еден од ретките јавни интелектуалци кој никогаш не криел дека има леви погледи на светот, дури и пред да постои политичката партија Левица“, рече Ванковска.
Проф. д-р Билјана Ванковска е доктор на правни науки и редовен професор на Филозофскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Раководител на Центарот за глобални промени. Претставник е на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Мрежата на тинк тенкови и академски институции на ОБСЕ (OSCE Network of Think Tanks and Academic Institutions) од 2017 година до денес.
Првиот круг претседателски избори во државава ќе се одржи на 24 април, додека вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.