Актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ ќе биде носител на листата на СДП во Првата изборна единица и кандидат за премиер на Хрватска, соопшти денеска лидерот на таа партија, Пеѓа Грбин.
На прес-конференцијата на која Милановиќ се појави ненајавено, Грбин изјави дека бил прекрасен ден бидејќи се тргнува кон промени.
Милановиќ вети решителна и чиста влада.
„Ќе ги исфрлиме крадците, угнетувачите и нивните помагачи. Со мене зништо лошо. Вербата и силата дека можеме да работиме заедно се поголеми од разликите“, рече Милановиќ, кој само неколку часа претходно најави дека парламентарните избори ќе се одржат во среда, на 17 април.
Милановиќ изјави дека доаѓаат реките на правдата кои ќе се излеат на пролет.
Претседателот на СДП Грбин истакна дека е свесен дека за него има многу критики и дека затоа нема да биде кандидат на СДП за премиер.
„Тргнуваме кон промена која очајно и треба на Хрватска. Денот на изборите во среда ќе стане празник на слободата и демократијата, но ќе стане и симбол на моментот кога Хрватска повторно ќе почне да се менува на подобро. Пред 24 години имаше избори кои не беа во недела, а од 2000 година до денес, ова се дефинитивно најважните избори со кои се соочува Хрватска, бидејќи овие станаа избори за демократија“, рече Грбин.
Во Хрватска исто така ќе се одржат и претседателски избори. Првиот круг од претседателските избори треба да се одржи на крајот на годината, а евентуалниот втор круг во јануари 2025 година.