4 Февруари - Светскиот ден на ракот е Меѓународен ден кој се одбележува секој 4 февруари за да се подигне свесноста за рак, да се поттикне неговата превенција и да се мобилизираат акции адресирани на глобалната епидемија на рак./ Photo: AA Archive

4 Февруари - Светскиот ден на ракот е Меѓународен ден кој се одбележува секој 4 февруари за да се подигне свесноста за рак, да се поттикне неговата превенција и да се мобилизираат акции адресирани на глобалната епидемија на рак.

Денот е предводен од Унијата за меѓународна контрола на ракот, (UICC) и е воспоставен во 2000 година.

„Со регулирање на лична, колективна и владина акција, сите ние работиме заедно за да го замислиме светот во кој милиони смртни случаи од рак се спречени и пристапот до третманот и грижата за рак, кој спасува живот е еднаков за сите, без разлика кој сте и каде живеете“, велат од Институтот за јавно здравје на РСМ по повод овој ден.

Секоја година, стотици активности и настани се случуваат ширум светот, собирајќи заедници, организации и поединци во училишта, бизниси, болници, пазари, паркови, општински сали, места за богослужба - на улиците и на интернет - делувајќи како моќен потсетник дека сите ние имаме улога во намалувањето на глобалното влијание на ракот.

UICC спроведува кампањи за Светскиот ден на ракот во тригодишни циклуси за да овозможи подлабоко истражување на одредена тема и да постигне поголемо влијание.

Темата на кампањата за Светскиот ден на ракот 2025-2027 година, „Обединети од уникатност“ ги става луѓето во центарот на грижата и истражува нови начини за правење разлика.

Според податоците од Извештајот на македонскиот Институт за јавно здравје за десет години, просечно годишно има по околу 7.000 нови заболени од рак.

Најзастапен е ракот на бели дробови, па на дојка, на кожа, на дебело црево и на желудник.

Загрижувачки раст на малигните заболувања

Загрижувачкиот раст на малигните заболувања особено кај помладите го поставува раното откривање како врвен приоритет. Последниве години се забележува зголемен опфат на скринингот за дојка и скринингот за рак на грло на матка, во споредба со претходните години. Државата вложува во набавка на опрема и постепена замена на аналогната технологија со дигиталната, а планирано е проширување на програмата за скрининг на рак на црн дроб. Сепак, потребни се посеопфатни мерки во однос на самата превенција, посочија говорниците на денешната дебата во Владата по повод Светскиoт ден за борба против ракот – 4 Февруари.

Заменик министерот за здравство Јовица Андоновски на дебатата посочи дека Министерството за здравство се залага за достапна, квалитетна и праведна здравствена заштита за сите граѓани. Тој информираше дека Министерството веќе спроведува национален скрининг за рак на дојка, грло на матка и дебело црево во согласност со препораките на Европска Унија и СЗО.

„Програмата за рана детекција на скрининг на малигни заболувања е единствена од ваков вид, базирана на европски искуства со континуирани подобрувања во квалитетот на методологијата“, рече Андоновски.

Тој напомена дека во 2025 година планирано е проширување на програмата за скрининг на рак на црн дроб и воведување на дигитални модули за следење на процесот во реално време. Како што додаде, националните студии за малигни заболувања овозможуваат засновани политики и ефикасно распределување на ресурсите.

Напомена дека буџетот за оваа програма за 2025 година изнесува 23 милиони денари.

Како што рече, според податоците кои што се обработени, опфатот на скрининг на дојка од 2023 до октомври 2024 година е на 12 473 жени, а за матка опфатот е 50 529 жени, во истиот тој период.

Директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) Игор Стојановски на дебатата информираше дека е ставен во употреба нов акцелератор. Тој рече дека имаат три современи акцелератори со сите модерни радио тераписки техники.

Дополни дека за новиот акцелератор во тек се дополнителни проверки и набрзо ќе се овозможи третман на пациентите со стереотактична метода.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојановски, пак, посочи дека во оваа клиника во моментот кадрите се на обука на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, и според комуникација која ја имаат со директорот, кадрите веќе се подготвени годинава да почнат со таблетарна и супкутана апликација на онколошката терапија.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски на дебатата посочи дека се разговара со матичните гинеколози околу вклучувањето на ХПВ тестовите како начин на рано откривање на рак на грло на матка.

Според него, ни требаат посеопфатни мерки за сузбивање на пушењето во земјата, бидејќи сме со земјите со релативно највисок процент на пушачи.

„Дилемите што ги имаме во Фондот во однос на превенција и рано откривање е дека понекогаш потешко се одлучуваме да одвоиме сто милиони денари за превентивни прегледи за рак на простата, а не би имале проблем тие сто милиони да ги одвоиме во буџетот за лекување, бидејќи се уште сме премногу фокусирани на третман, а недоволно на превенција и рано откривање“, рече Клековски.

Тој напомена дека се зборува за зголемување на пет скеновите од две на три илјади годишно, за што ќе биде потребна набавка на втор пет скенер. За ова, како што рече, постојат услови во самата институција, но работат на финансиската консткрукција.

„Она што сега го направивме за радиотерапија на Онкологија е големо зголемување на буџетот, во 2025 година тој ќе изнесува 3 милијарди денари или 49.5 милиони евра. Буџетот расте и на хематологија, и во 2025 година ќе изнесува 808 милиони денари“, рече Клековски.

Тој напомена и дека овозможиле пониски цени на одредени лекови за 10 до 30 проценти.

TRT Balkan
Популарни