Протест на српската заедница на северот на Косово / Photo: AA

Стотици Срби од северот на Косово, како и од другите делови на земјата, протестираа против изјавите на косовскиот премиер Албин Курти и германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде, во врска со барикадите поставени на северот.

На протестот кој се одржа во Рудаде, во општина Звечан, на северот на Косово, беа истакнати српските знамиња и транспаренти со различни слогани. Во првите редови на протестот беа лидерите на Српската листа, предводена од поранешниот министер за заедници во Владата на Косово, Горан Ракиќ.

Маскирани групи граѓани се забележани и околу бината на која се одржуваат говорите.

Вучиќ ги поддржува протестите

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србите на северот на Косово секогаш ќе ја имаат неговата поддршка за нивните барања.

Во обраќањето објавено на социјалната мрежа Инстаграм, српскиот претседател порача дека Србите не бараат многу, туку „само она што им припаѓа на сите цивилизирани народи во Европа.“

„Нема да се кријам од големите и моќните во светот. Секогаш ќе бидам одговорен да ги повикам да го задржат мирот, бидејќи мирот е во најдобар интерес на Србите и Србија, како и на нашиот народ на Косово“, рече Вучиќ.

Во меѓувреме, министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, рече дека ако Албин Курти (премиер на Косово) тргне кон отстранување на барикадите, тоа ќе биде „пат во погрешна насока што води до катастрофално сценарио.“

Поминаа 13 дена од барикадите на северот на Косово поставени од страна на косовските Срби во знак на протест на приведување на нивните сонародници.

Курти: Не може вечно да се дозволи кршење на законитоста

Во изминатите денови, премиерот на Косово Албин Курти, изрази загриженост бидејќи, како што рече „отстранувањето на барикадите не може да ја исклучи можноста за жртви.“

„И затоа сакаме да бидеме внимателни за да бидеме сигурни дека нема да дојде до дестабилизација и дека ќе има релативен мир и безбедност“, рече Курти.

Меѓу другото, Курти истакна дека не може вечно да се дозволи кршење на законитоста и уставноста и дека треба што поскоро да се отстранат барикадите на северот на Косово, во што имаат поддршка од Европската Унија и Соединетите Американски Држави.

TRT Balkan / агенции
Популарни