Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, рекоа од Кабинетот на Претседателката за непочитувањето на протоколот поради кој двјцата лидер се фотографираа само пред бугарското знаме / Photo: Кабинет на Претседателот на РСМ

Убедена сум дека денешниот разговор во една дебатна пријатна атмосфера ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа, но важно е да почнете, изјави претседателката Гордна Сиљановска Давкова по средбата во Софија со нејзиниот бугарски колега Румен Радев.

По тет- а- тет средбата се одржа состанок на македонската и бугарската делегација, на кој покрај претседателката присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

„На средбата со бугарскиот претседател се разговараше за потребата од засилен развој на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете земји, за текот на пристапниот процес за членство во Европската Унија и искористување на бугарските искуства на тој пат, како и за можностите за поттик и унапредување на билатералната соработка во повеќе области“ информираат од Кабинетот на Претседателката.

Таа посочила дека се потребни постојан дијалог и разговор меѓу двете соседни држави членки на НАТО и позитивни примери од двете страни со цел градење на стабилни добрососедски односи.

„Во тој контекст таа го истакна значењето на културната и јавната дипломатија, како и потребата за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, економијата и трговската размена и фокусирање на предизвиците од сегашноста, наместо фокус врз минатото“, велат од Кабинетот.

Во разговорот со претседателот Радев, претседателката истакна дека македонските власти ги преземаат сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално – инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за земјава, регионот и за Европската Унија.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова упати покана до претседателот Радев за посета на нашата земја, која бугарскиот претседател ја прифати.

„Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска да стане конзистентна политика на Владата на Република Северна Македонија“, соопшти кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев.

„Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со РСМ и очекува таа не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку неа да се постигне решение за отворените прашања во нашите односи. За нив мора да се одлучува врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани кон него и Заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, усвоени едногласно од сите земји-членки на ЕУ и со согласност на РСМ“, нагласи.

Тој додаде дека ова е начин да се отвори преговарачкиот процес за целосна европска интеграција на РСМ во интерес на младите во земјата, а тоа ќе биде позитивен знак за целиот регион.

Радев повика и на многу поактивни заеднички напори од страна на Бугарија и РСМ за изградба на транспортниот коридор 8, кој е од клучно значење за поврзаноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе создаде квалитативно нови услови за бизнис, туризам. и поттикнување на инвестиции во регионален план.

Гордана Сиљановска Давкова во Софија присуствуваше на настапот на македонската национална опера и балет, што во Софиската опера и балет ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди.

На настапот на македонските уметници, со кој беше отворена оперската сезона во Софија, присуствуваа и министрите Муцунски и Љутков.

Сепак, иако средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата.

Според истиот, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор, но пред почетокот средбата, Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, без македонското.

„Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, соопштија од Кабинетот.

TRT Balkan / агенции
Популарни