Рама порача дека на секој успех на Албанија треба да се гледа како на успех за целиот регион / Photo: Edi Rama Facebook

Во Луксембург се одржа Втората меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската Унија, по повод официјалното отворање на преговорите за првиот кластер за процесот на членство на Албанија во ЕУ.

По завршувањето на меѓувладината конференција, заедничка изјава за медиумите дадоа премиерот на Албанија, Еди Рама, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, земја која претседава со ЕУ, како и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.

Рама истакна дека земјата ќе биде подготвена за членство до 2030 година, a отворањето на кластерот претставува големо достигнување и за Албанија и за ЕУ.

Според него, Албанците немаат план Б за демократијата, а денешниот настан го оцени како многу важен по вековите на мрачни времиња и режими во државата.

„Ние Албанците не можеме да имаме план Б кога станува збор за индивидуалната слобода, владеењето на правото и функционалната демократија. Историјата нè научи на потешкиот начин дека тоа не може да се најде, па дури и да се гарантира надвор од сферата на ЕУ. Тоа се А, Б и Ц на европскиот начин на живот. Изборот на алтернатива за полноправно членство во ЕУ би бил да се откажеме од начинот на живот што неодамна го избравме“, рече Рама.

Тој додаде дека Албанија апсолутно ги исполнила сите предуслови за да ја започне оваа фаза од членството и останува цврста во својата определба да ги исполни сите идни обврски.

Рама порача дека на секој успех на Албанија треба да се гледа како на успех за целиот регион.

Одговарајќи на новинарско прашање за одвојувањето од Северна Македонија во процесот, тој кажа дека историјата не смее да биде причина за да се запре процесот на пристапување за една држава.

„Ние се чувствуваме навистина тажно, искрено го велам, од фактот што нашата братска Северна Македонија не е се уште во можност да влезе во оваа фаза на процесот, иако тие беа меѓу првите, ако не и први, за да го почнат процесот. Затоа, кога зборувам за нашите понижувања, трипати по ред бевме одбиени за почеток на пристапните разговори, тогаш се чувствувам и некако засрамено, затоа што се сетив на понижувањата на Северна Македонија. Тие дури го сменија и името за да може ова да го почнат. Историјата не може да биде причина за запирање на пристапните преговори на која било земја“, рече Рама.

Според него, билатеризацијата на една земја на патот кон ЕУ е болна работи, оти со тоа ѝ се нанесуваат штети на таа држава.

„Со билатеризацијата само им се нанесува штета на она што го викаме збор на стандарди и вредности. Со блокирање на европскиот пат на една земја само се прекинува дотокот на кислород и се попречуваат нејзините можности да се стекне со знаења како да ги развива институциите, како да воспостави систем на вредности, владеење на правото и функционална демократија. Со попречувањето на Македонија, а потоа и Северна Македонија им се нанесе голема штета на државата, на луѓето, а со тоа и голема штета на регионот“, рече Рама.

Министерот Сијарто рече дека преговорите со Албанија се започнати со цел таа што поскоро да стане членка на ЕУ.

„Прашањето за забрзување на проширувањето на ЕУ кон регионот на Западен Балкан беше на врвот на агендата на унгарското претседателство. Разбираме дека ЕУ ја губи конкурентноста, ја губи својата тежина кога станува збор за глобална политика и светска економија. Така разбираме дека на ЕУ ѝ треба свежина, нова енергија, нов стимул. Оваа нова енергија, за која имаме потреба, апсолутно ќе дојде од Западен Балкан“, рече Сијарто.

Тој додаде дека мора да се преземат итни чекори за одржување на кредибилитетот на политиката за проширување.

Комесарот Вархеји, обраќајќи му се на премиерот Рама, истакна дека Европската Унија очекува Албанија да ги преземе неопходните реформи за да стане земја членка.

„Мислам дека сега е неспорно за ЕУ ​​и нејзините лидери дека проширувањето е меѓу трите главни приоритети. Тоа е меѓу овие три приоритети затоа што без проширување, Европа не може да стане посилна. Ни треба проширување за Европската Унија да стане посилна“, нагласи Вархеји.

Албанија е земја кандидат за членство во Европската Унија од 2014 година.

Првата меѓувладина конференција меѓу Албанија и ЕУ се одржа во јули 2022 година.

Втората меѓувладина конференција го означува официјалното отворање на преговорите за првиот кластер за членство на Албанија во Европската Унија.

TRT Balkan / агенции
Популарни