Албанскиот премиер Еди Рама во четвртокот ги повика КФОР, меѓународните мировни сили под водство на НАТО алијансата, да ја преземат контролата врз северно Косово за да се спречи каков било поголем конфликт, кој денес е поверојатен од кога било досега.
„За да на кој било начин и со какви било средства се спречи овој конфликт, кој денес изгледа поверојатен од кога било досега КФОР мора да ја преземе контролата врз северот на Косово. Ова е предлог што го дадов порано и на самитот на НАТО и самиот детално објаснив зошто. Сега секое двоумење и одложување, вклучително и аргументот дека „немаме доволно војници“ може да ја направи утрешната интервенција на КФОР да биде многу поголема во однос на војниците, но и потешка“, рече Рама.
Тој посочи дека процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и градењето односи со Србија се стратешки за неговата земја и за албанскиот народ.
Осврнувајќи се на убиството на косовски полицаец на 24 септември и тензиите на северот на Косово, Рама рече дека Србија „наместо да го истражи криминалниот настан, кој беше предизвикан од српска криминална група, а не од косовската полиција“, избра да ги почитува убиените напаѓачи и прогласи ден на жалост.
Во судирите меѓу косовската полиција и вооружена група во Бањска, општина Звечан, во неделата загинаа полицаецот Африм Буњаку и тројца напаѓачи од српска националност.