Петмина криумчари на мигранти се уапсени во денешната акција со кодно име „Кипер“, информираа од МВР и ЈОРСМ.
Акцијата е резултат на предистражна постапка што се спроведуваше од септември 2023 година до јуни годинава.
Станува збор за седумчлена меѓународна банда, која илегално пренесувала групи мигранти од Сирија и други земји од Блиски Исток и земји од Африка- Ирак, Конго
Лидер на криминалната група е В.С. (39) од Штип, кој ги организирал Д.Н. (28) од Злетово, Г.А. (52) од Пробиштип, В.Д. (50) од Србија, Д.Л. (46) и И.Л. (23) од Велес, У.Н.од Пакистан и засега непознато лице од Србија.
Според истрагата, штипјанецот заедно со Пакистанецот преку телефонска комуникација, користејќи телефонски броеви од српски мобилни оператории и преку социјални мрежи ja договарале локацијата и бројот на илегални мигранти за транспорт, кои претходно веќе пристигнале и одреден временски период престојувале на територијата Грција.
Потоа членовите на организираната криминална група ги прифаќале илегалните мигранти на локации во околината на Гевгелија и Дојран. Таму ги сместувале во специјално изработени импровизирани бункери, во делот за товар на товарните возила и ги превезувале до договорените локации во кумановско-липковскиот регион. По пристигнување, илегалните мигранти во организација на В.С. и засега непознато лице од Србија, биле времено сместувани и засолнувани во објекти на членови, соработници и помагачи на криминалната група, а потоа криумчарени преку територијата на Србија кон државите на ЕУ.
Полицијата уапсила петмина, а Србинот В.Д. Од претходно е во притвор во КПУ Затвор Скопје за криумчарење мигранти, а каде при претрес затворските чувари му одзеле мобилен телефон.
Петмината осомничени денеска се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје и за истите предметниот обвинител ќе предложи определување на мерка притвор.
За другото лице кое е во бегство е определена мерката притвор во отсуство во друг кривично-правен настан.