Регионот на Западен Балкан е од големо стратешко значење за НАТО, а овој симпозиум е уште една потврда за посветеноста на Босна и Херцеговина, беше порачано на овогодинешниот Симпозиум „НАТО Партнерство 360“ насловен „Партнерство во време на хибридни предизвици“ што се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.
Настанот собра околу 250 учесници, воени и цивилни претставници од земјите членки на НАТО и партнерските земји и организации.
Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, изјави дека ова е многу важен настан за безбедноста и соработката со НАТО.
„НАТО е една од нашите најважни надворешно-политички цели, а мојот личен став е дека тоа е прв приоритет. Присуството на НАТО во Босна и Херцеговина е многу важно и за тоа сум особено благодарен. Динамиката на нашите односи во мандатот на оваа влада е повеќе од добра и задоволителна“, рече Конаковиќ.
„Нашата крајна цел е полноправно членство во НАТО. Работиме на изготвување и усвојување на потребните документи“, додаде тој.
Потсети дека земјите кои станаа членки на Европската Унија (ЕУ) во најголем дел пред тоа станале членки на НАТО.
„Со доаѓањето на НАТО може да се почувствува безбедносен чадор кој на инвеститорите им ја гарантира безбедноста на нивниот капитал. Тоа е она што ѝ треба на Босна и Херцеговина денес кога ни се отвора европскиот пазар“, рече Конаковиќ.
Помошникот генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедност, Хавиер Коломина, истакна дека регионот на Западен Балкан е од големо стратешко значење за НАТО.
„Регионот на Западен Балкан е од големо стратешко значење за НАТО, а овој симпозиум е уште една потврда за посветеноста на Босна и Херцеговина. НАТО поддржува стабилна и мирна Босна и Херцеговина како и цел регион на Западен Балкан. НАТО е посветен на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина, како и на целиот Западен Балкан и понатаму во иднина му останува посветен“, рече Коломина.
Тој посочи дека НАТО нема да дозволи да се наруши тешко стекнатиот мир во Босна и Херцеговина.
„НАТО ја поддржува мисијата АЛТЕА во БиХ и се надеваме дека ќе го продолжиме тој мандат во ноември и ќе го продолжиме нашето партнерство со Босна и Херцеговина“, порача Коломина.
Заменик-началникот на Штабот за мултидоменски развој на силите на НАТО, адмирал Пласидо Тореси, истакна дека тој ја претставува сојузничката команда за трансформација.
„Мисијата на оваа команда придонесува за зачувување на мирот и безбедноста и територијалниот интегритет на земјите членки на алијансата во многу комплексно безбедносно опкружување. Мојот тим работи на подобрување на начинот на кој земјите членки работат и се обучуваат заедно. Веруваме дека сојузничкиот воен инструмент мора да биде способен да ги поддржува меѓусебните партнерски можност со цел заедничко јакнење на безбедноста“, рече Тореси.
Тој нагласи дека од големо значење е партнерите да продолжат да дејствуваат заедно, додавајќи дека клучно е зајакнувањето на капацитетите на партнерските сили.
Во рамките на собирот се одржува и панелот „Западен Балкан - регион кој ја покажува сестраноста на НАТО партнерствата и успехот во интеграцијата“.
Организирањето на „НАТО Партнерски 360 Симпозиум 2024“ е потврда за успешната соработка и партнерство меѓу НАТО и Босна и Херцеговина. Симпозиумот, заедно со Самитот на НАТО и состаноците на министерско ниво, е еден од најважните настани на кој се собираат околу 250 учесници, како воени така и цивилни претставници од земјите членки на НАТО и партнерските земји и организации.
Целта на состанокот е зајакнување на заедницата на партнери и унапредување на единството, заедничкото дејствување и напорите на НАТО и неговите партнери. Истовремено, се зајакнува разбирањето на глобалното безбедносно опкружување, се шират информации за новите концепти и се истражуваат трендовите и потребите кои се најважни за подобрување на односите меѓу НАТО и партнерите.