Словенија, Хрватска, Црна Гора и Србија најавија испраќање помош за Северна Македонија во борбата против пожарите. Први на помош на македонските институции дојдоа екипите од Туркије, кои со два специјализирани противпожарни авиони и хеликоптер веќе ги извршија првите интервенции.
Согласно наредбата на министерот за одбрана Анушиќ, одобрен е авион со два екипажи да и помогне на Северна Македонија во гаснењето на пожарите, велат од Министерството за одбрана на Хрватска.
„Врз наредба на потпретседателот на Владата на Република Хрватска и министерот за одбрана Иван Анушиќ, авионот Canadair CL-415 од Специјалните организирани противпожарни сили со два екипажи е одобрен за испраќање во Република Северна Македонија со цел да се обезбеди помош хуманитарна помош при гаснење пожари“, велат од Министерството за одбрана на Хрватска.
Македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошовски изјави дека денеска се очекува пристигнување на два хеликоптери од Словенија и еден хеликоптер од Црна Гора и Србија.
Србија ќе испрати помош од Хеликоптерската единица и Одделението за вонредни состојби на МВР, за гаснење на шумските пожари во Северна Македонија, соопшти вчера српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Станува збор за противпожарен хеликоптер Камов К-32 со капацитет од пет тони вода, со седум припадници на Министерството за внатрешни работи,
„Хеликоптерската единица и припадник на Секторот за вонредни ситуации, кои утре тргнуваат за Северна Македонија“, се наведува во објавата на министерството за внатрешни работи на Србија.
Како што изјави Дачиќ, припадниците на МВР на Србија ќе бидат ангажирани во гаснењето на пожарот на планината Серта во загрозената област во општините Неготино, Конче и Штип, а помошта се испраќа врз основа на барањето на македонската Влада.
Дачиќ претходно изјави дека барањето за помош пристигнало телефонски од Северна Македонија поради големиот број пожари што избувнаа на територијата на земјата.
Европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчиќ објави дека ЕУ преку Механизмот за цивилна заштита мобилизирала помош за да одговори на вонредната ситуација предизвикана од шумските пожари во Северна Македонија.
Во постот Х, тој им се заблагодари на Словенија, Туркије и Србија за брзиот одговор за помош на таа земја.
Вчера турскиот министер за земјоделство и шумарство Ибрахим Јумакли напиша дека за да ја поддржат борбата против тековните пожари во шумите во Северна Македонија, испратиле два авиони и хеликоптер за гаснење на пожарите.
„Ние им служиме на шумите, нашето заедничко наследство. За поддршка на борбата против тековните шумски пожари, два наши авиони и еден хеликоптер замина во Северна Македонија. Ги пренесувам моите најдобри желби до луѓето во Северна Македонија и им посакувам на нашите тимови успех во нивните должности“, рече турскиот министер за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли на X.