Србија: Двајца мажи се удавија во Нови Пазар / Photo: Tanjug

Земјите од регионот од изминатото деноноќие се соочуваат со невреме проследено со поплави и зголемено ниво на реките. Две машки лица се удавија во Србија во градот Нови Пазар, кога упаднаа во надојдената река Трнавица. Нивните тела сѐ уште не се пронајдени.

Шефот на Одделот за вонредни ситуации во Нови Пазар Исмаил Дупљак рече дека ситуацијата во Нови Пазар е многу тешка и критична.

„Се случи голема трагедија, две лица се удавија. Тоа се неофицијални информации но судејќи според се тоа е точно. Тие се наоѓаа на брегот, земјата се сруши и тие паднаа во вода. Претпоставуваме дека сакаа да се заштитат од вода. Спасувачките единици трагаат за нивните тела“, рече Дупљак.

Тој рече дека дождот во Нови Пазар паѓа од синоќа и дека реките Рашка, Јошаница, Бањска, Трнавица, достигнаа максимално ниво.

„Овие реки се излеаја на десетици локации. На терен се градските штабови со јавните комунални претпријатија, противпожарната и спасувачката единица и приватни фирми. Работиме на утврдување на бреговите. Наврна големо количество дожд“, изјави Дупљак.

Женско лице се удави во Сараево

Обилните врнежи од дожд предизвикаа надојдување на реката Миљацка во Сараево, во главниот град на Босна и Херцеговина.

Младо женско лице во текот на ноќта се удави во реката Миљацка, објави Службата за спасување Нови Град Сараево.

Како што наведуваат, околу 2 часот по полноќ на повик на дежурно оперативно лице на Службата за спасување на Кантонот Сараево, Оперативниот центар на цивилна заштита на Кантонот Сараево, Оперативниот центар на цивилната заштита на општина Нови Град Сараево извесени се дека младо женско лице доживеало несреќа и паднало во надојденаа река Миљацка на Скендерија.

Поплави во Косово Неколку општини во Косово се соочуваат со поплави од утринските часови по обемните врнежи од дожд, додека општината Скендерај веќе прогласи вонредна состојба. Градоначалникот на општина Скендерај Фадил Нура изјави дека како последица на врнежите од дожд состојбата се влоши, како и дека е донесена одлука за прогласување на вонредна состојба на територијата на таа општина и формиран е штаб за вонредни ситуации.

Со поплави се соочуваат и општините Вучитрн, Митровица, регионот на Пеќ, како и северот на Косово.

Невреме и во Албанија Невреме проследено со силни дождови ја зафати и Албанија. Обилните дождови и силниот ветер во последните неколку часа предизвикаа проблеми во повеќе градови во земјата, додека најпроблематична е состојбата во окрузите Скадар и Лежа.

Обилните врнежи од дожд кои продолжија во текот на ноќта и утринава создадоа проблеми во градовите Скадар и Лежа, предизвикувајќи поплави на населби и земјоделски површини.

TRT Balkan / агенции
Популарни