Вести од црната хроника и политичките сплетки ја одбележаа 2023 година во регионот / Photo: AA

Земјите од регионот и нивните граѓани изминатава година се соочија со бројни предизвици, а изминатите 12 месеци беа обележани со страшни убиства, масовни протести, социјален активизам, тензии и бројни настани на политичката сцена.

Случаи на фемицид во БиХ

Покрај економските тешкотии, значителното зголемување на цените на основните прехранбени производи, населението на Босна и Херцеговина бележи и зголемување на случаите на насилство врз жените, страшни убиства и сообраќајни несреќи, а годината ја одбележаа и настаните на политичкиот сцена.

На крајот на јануари стапи на должност новиот Совет на министри на државно ниво, со поддршка на владејачката коалиција составена од СНСД, ХДЗ БиХ и партиите Тројка (СДП, НиП, Наша партија).

Именувањето на Владата на Федерацијата БиХ беше потврдено на 28 април 2023 година на седницата на Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ.

Сите законодавни и извршни тела на државно и ентитетно ниво беа формирани до мај 2023 година.

Во текот на 2023 година се одржаа низа мирни протести пред седиштето на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), каде граѓаните бараа повлекување на одлуките на Кристијан Шмит.

Последната година во Босна и Херцеговина беше одбележана и со страшна сообраќајна несреќа која се случи на 26 мај 2023 година. Тогаш животот го загуби младата докторка Азра Спахиќ, а подоцна на повредите им подлегна и нејзината колешка Алма Суљиќ. Веднаш по сообраќајната несреќа е уапсен Армин Берберовиќ.

На 11 август јавноста во БиХ и регионот беше шокирана од веста за убиството во Градачац. Нермин Сулејмановиќ тој ден ја убил својата невенчана сопруга Низама Хеќимовиќ пред нивното малолетно дете, а тоа го пренесувал во живо на социјалните мрежи. Подоцна ранил полицаец, а потоа ги убил Денис и Џенгис Ондер и ја ранил Хариса Ондер. Убиецот потоа се самоубил.

Еден месец подоцна, општеството во БиХ беше сведок на уште еден случај на фемицид. Убиството се случи на 13 ноември во станот во Сараево во кој живеела Емира Маслан од Горажде. Таа беше убиена во населбата Алипашино Поље во Сараево од нејзиниот невенчан поранешен сопруг Анел Беќировиќ, кој потоа побегнал во неговиот стан, каде што се забарикадирал заедно со нивниот четиригодишен син. Беќировиќ моментално е во притвор.

На шеснаесетти октомври годинава почна судењето на претседателот на ентитетот на БиХ, Милорад Додик и в.д. директорот на Службен весник, Милош Лукиќ.

Изминатите 12 месеци беа одбележани и со апсења на неколку политички функционери и амбасадори во БиХ и покренување судски постапки против нив.

Црна Гора доби нов претседател и влада

Изминатата година во Црна Гора беше одбележана со претседателски и парламентарни избори. На 2 април во таа земја се одржа вториот круг од претседателските избори каде победи кандидатот на Движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ. Споменатите избори го одбележаа заминувањето на поранешниот лидер Мило Ѓукановиќ од власт по 32 години.

По претседателските избори, на 11 јуни во Црна Гора се одржаа предвремени парламентарни избори. Според резултатите на ДИК, Движењето Европа сега (ПЕС) освои 24 мандати. Коалицијата „Заедно“, предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС) освои 21 мандат, а коалицијата „За иднината“ на Црна Гора (ЗБЦГ) освои 13 мандати.

Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ беше домаќин на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Подгорица на 27 јуни, со што заврши едногодишното претседавање на Црна Гора со таа регионална иницијатива.

Од 14 август Црна Гора стана побогата за уште една туристичка атракција. Свечено беше отворена жичарницата Котор - Ловќен, нудејќи им на посетителите поглед на Которскиот залив и планината Ловќен.

Во септември годинава под зградата на Вишиот суд во Подгорица беше откриен тунел кој води до просторијата каде што се чуваат доказите.

Натпреварот во лежење, кој е единствен за Црна Гора во Европа, а годинава ги собори сите рекорди, по 50 дена заврши на 5 октомври. Победници беа Лидија Марковиќ и Филип Кнежевиќ, двајцата од Црна Гора, кои лежеа речиси 1.200 часа.

Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс на 1 ноември официјално започна со оперативни активности во Црна Гора, согласно Договорот меѓу Европската унија и таа земја.

Пописот на населението во Црна Гора, по две години одложување и две одложувања, почна на 3 декември и требаше да трае до 18 декември, но Владата одлучи да го продолжи процесот за десет дена, до 28 декември.

Масовни убиства, протести и избори во Србија

Изминатата година во Србија беше одбележана со масовни убиства, граѓански протести против насилството и предвремени парламентарни, покраински и локални избори.

Србија на 3 мај годинава ја потресе веста за масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, кога 13-годишен ученик од тоа училиште уби чувар и девет ученици, а рани еден наставник.

Еден ден подоцна, на 4 мај, девет лица загинаа, а 13 беа повредени откако вооружениот маж, Урош Блажиќ, отвори оган врз минувачите од автомобил во движење во близина на Младеновац, јужно од главниот град на Србија, а потоа избега. Тој беше уапсен еден ден подоцна.

Во понеделник, на 8 мај, во Белград и Нови Сад се одржа првиот протестен митинг под името „Протести против насилството“, на кој присуствуваа меѓу 20 и 50 илјади луѓе.

Претставници на седум земјоделски здруженија на 20 мај постигнаа договор со Владата на Србија за прекин на блокадата на патиштата со земјоделска механизација на територијата на Србија.

Со одлука на Владата на Србија, 27 септември е прогласен за Ден на жалост во Косово поради настаните од 24 септември, во Бањска во Звечан, при што беа убиени косовски полицаец и четворица Срби.

На 29 септември, Милан Радоичиќ ја презеде одговорноста за настаните во Бањска и изрази подготвеност да одговора пред надлежните органи на Србија.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ на 1 ноември го распушти тринаесеттото свикување на Народното собрание на Република Србија и распиша вонредни парламентарни избори за 17 декември.

Александар Вулин на 3 ноември поднесе оставка од функцијата шеф на Безбедносно-информативната агенција (БИА).

На 4 ноември во Белград пред Собранието на Србија се одржа 27. протест „Србија против насилството“. Тоа беше и последен протест во ваков формат.

Парламентарните избори во Србија се одржаа на 17 декември 2023 година, на кои беа избрани пратеници во Народното собрание. Најмногу гласови освои листата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

На покана на претставници на коалицијата „Србија против насилството“, на 18 декември во Белград се одржаа протести поради нерегуларности за време на изборите, а демонстрантите се обидоа да го спречат одржувањето на седницата на Републичката изборна комисија.

Хрватска влезе во Шенген и во еврозоната

На 1 јануари 2023 година, Хрватска стана 20-та земја-членка на Европската унија која влезе во Шенген зоната и еврозоната и ја замени својата национална валута, куната, со евро.

Легендарниот хрватски фудбалски тренер Мирослав Блажевиќ почина на 8 февруари на 88-годишна возраст по тешко боледување.

На 7 мај во Хрватска се одржаа шести по ред малцински избори на кои право на глас имаа регистрираните припадници на националните малцинства.

Катастрофални поплави ја погодија Хрватска на 17 мај, а најтешко беа погодени Обровац, Грачац, Карловац, Дуга Реса, Хрватска Костајница.

На 20 јуни во Загреб се одржа заедничката седница на Советот на министри на Босна и Херцеговина и на Владата на Република Хрватска.

На 19 јули силно невреме го погоди Загреб и неговата околина, при што загинаа три лица, од кои две во главниот град на Хрватска, а третото во Нова Градишка.

Словенија ја погодија најтешките поплави досега

Словенија во август ја погодија најтешките поплави досега, во кои загинаа шест лица. Поплавите однесоа куќи и оставија села во урнатини. Обилните дождови со денови паѓаа во речиси две третини од земјата, уништувајќи згради и мостови. Неколку милијарди евра достигнаа штетите од катастрофалните поплави во Словенија.

На 28 август во Словенија започна дводневниот 18. Бледски стратешки форум, организиран во 2023 година под наслов „Солидарност за глобална безбедност“.

Словенија на 21 октомври воведе контроли на државните граници со Хрватска и Унгарија, претходно укинати со Шенгенскиот договор.

Тензии во Косово

Вршителот на должноста премиер на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, на 14 април го потпишаа Договорот за слободно небо над Косово и Црна Гора.

На 18 април од Брисел пристигнуваат добри вести за Косово, откако Европскиот парламент позитивно ја изгласа конечната одлука за либерализација на визниот режим за косовските граѓани, кои од 1 јануари 2024 година ќе можат да се движат без визи во Шенген зоната.

На 26 мај, полицијата во Косово се судри со локалните Срби кои се собраа пред зградата на општина Звечан во северно Косово за да го спречат новоизбраниот градоначалник, етнички Албанец, да влезе во зградата.

На 29 мај, Србите на северот на Косово се судрија со припадниците на КФОР, меѓународната мировна мисија и косовската полиција. Голем број мировници на КФОР беа повредени во неиспровоцирани напади.

Косовската полиција на 14 јуни објави дека тројца службеници на граничната патрола биле киднапирани од српските сили длабоко на територијата на Косово, во пограничната област на северот на земјата. Министерството на Србија соопшти дека апсењето се случило „длабоко на територијата на централна Србија“.

На 24 јуни општина Пеќ во Косово беше погодена од поплави, во кои загинаа една жена и нејзиното петгодишно дете.

Околу три часа по полноќ на 24 септември, во Бањска во општина Звечан, во нападите на единиците на косовската полиција беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неговиот колега Албан Рашити беше ранет. Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека по смртоносните напади во селото Бањска на северот на Косово,четворица се убиени, шест лица се приведени и тие се осомничени за повеќе кривични дела, од кои едното и за тероризам.

Владата на Косово одлучи да овозможи пререгистрација на возилата со таблички РКС од 1 ноември до 15 декември 2023 година, кога 3.443 возила беа пререгистрирани од стари српски во РКС таблички.

Убиството на Вања ја потресе Северна Македонија

На 17 март во Скопје се одржа 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација на Северна Македонија и Европската Унија (ЕУ), со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски. На средбата присуствуваа и претставникот на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џозеф Борел, европскиот комесар за проширување и соседство Оливер Вархеји, како и претставници на земјите членки на ЕУ и европските институции.

Лидерите на Србија и Косово се состанаа на 19 март во Охрид, под покровителство на Европската унија, во обид да се договорат за спроведувањето на договорот за односите меѓу Белград и Приштина, предложен од Унијата и силно поддржан од Соединетите Американски Држави.

На 30. Ноември во Скопје се оддржа Министерски совет на ОБСЕ, кој го одбележаа присуството на рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, поради кого самитот го бојкотираа Украина и поранешните руски балтички држави. Иако се очекуваше, Лавров не се сретна со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, британскиот шеф на дипломатијата Дејвид Камерон и европскиот комесар за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел кои заминаа пред да дојде ЛАвров.

Девојчето Вања Ѓорѓевска (14) од Скопје, кое исчезна на 27 ноември на пат кон училиште и по кое трагаше целиот регион, беше пронајдено мртво. Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, потврди дека мотивот за киднапирањето и убиството на малолетното девојче бил личен интерес и дека таткото бил вмешан во ова дело како организатор со цел да изнуди пари од мајката.

Јавноста беше изненадена кога дозна дека за убиството на Ѓорѓевска и на велешанецот Панче Жежовски е осомнилен контроверзниот бизнисмен и политичар Љупчо Палевски.

Албанија: Сали Бериша остана без партија и имунитет

Во Албанија изминатата година беше одбележана со тензии во Собранието, каде опозициските партии со месеци ја блокираа работата на законодавното тело како знак, како што рекоа, „авторитарното владеење“ на владејачката Социјалистичка партија на Еди Рама.

Ситуацијата кулминираше на 21 декември кога Собранието на Албанија гласаше за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер Сали Бериша, со што се отвори пат за негово апсење на барање на Специјалниот обвинител.

Претходно судот во Тирана одлучи дека Љуљзим Баша, а не Бериша е легитимен лидер на Демократската партија.

Албанците беа воодушевени од успехот на фудбалската репрезентација во ноември која

обезбеди настап на Европското првенство во Германија во 2024. Тоа е второ патување на Албанија на ЕУРО.


AA
Популарни