Според Пописот од 2021 година, 195 населби во Хрватска немаат ниту еден жител, додека 1.845 населби имаат помалку од 50 жители.     Фото: АА

Дури 195 населби во Хрватска немаат ниту еден жител, а 1.845 населби имаат помалку од 50 жители, покажаа конечните резултати од пописот спроведен лани што денес ги презентираше Државниот завод за статистика на Хрватска (ДЗС) а кои се однесуваат на етно-културалните обележја на населението.

Лидија Брковиќ, директор на Државниот завод за статистика, истакна дека според Пописот од 2021 година, 195 населби во Хрватска немаат ниту еден жител, додека 1.845 населби имаат помалку од 50 жители.

Националната структура на населението покажува дека се регистрирани 91,63 отсто Хрвати, 3,20 отсто Срби, 0,62 отсто Бошњаци, 0.46 отсто Роми, 0,36 отсто Италијанци и 0,36 отсто Албанци.

Според верската припадност, во Хрватска живеат 78,97 отсто Католици, 3,32 отсто православни, 1,32 отсто муслимани, лица кои не се верници или се атеисти 4,71 отсто, додека 1,72 отсто не сакале да се изјаснат за верската припадност.

Според мајчиниот јазик, на 95,25 отсто од граѓаните хрватскиот јазик им е мајчин, 1,16 отсто говорат српски мајчин јазик, додека со друг мајчин јазик говори помалку од еден отсто од населението.

„Прашањето за верата беше потполно отворено прашање на кое лицето можеше слободно да се изјасни во согласност со одредбите на Уставот“, рече Брковиќ.

Станува збор за прашање кое предизвика највеќе полемика во јавноста бидејќи податоците во некои места отстапуваа од реалната слика на населението, највеќе за прашањето на дефиниција на лицата како католици, христијани и припадници на Католичката црква.

„Највеќе реакции предизвика бројот на „останати христијани“ од 186.980 лица и бројот на лицата во категоријата „останати религии, движења и светогледи“, нив 37.066“, рече Брковиќ.

Хрватски државјани има 99,24 отсто, а странски 0,74 отсто или 28.784.

Според Пописот од 2021 година, Хрватска има 3.871.833 жители, што е за околу 100.000 помалку отколку на пописот спроведен во 1953 година. Најголем број жители во Хрватска забележан е во 1991 година (4,78 милиони) од кога бројот континуирано паѓа. Во однос на претходниот попис одржан во 2011 година, бројот на жителите на Хрватска се намали за 413.056 жители или за 9,46 отсто.

Уделот на повозрасните лица со 65 и повеќе години исто така континуирано расте од пописот во 1953 година, кога изнесувал седум отсто, додека во 2021 година изнесува 22,5 отсто во вкупниот удел на бројот на жителите. Најголем пад на жители забележан е во пет источни хрватски жупании, а сите жупании бележат намалување на бројот на жители.

Пописот е спорврден теренски од 27 септември до 14 ноември 2021 година, додека преку 1,6 милиони граѓани се попишаа самостојно преку онлајн пријава.

Деталите од Пописот во 2021 година се објавуват сукцесивно.

AA
Популарни