Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, го продолжи рокот за замена на српските возачки дозволи со косовски до 23 август поради зголемениот број барања од граѓаните последниве денови.
Првичниот рок за размена на дозволи, со олеснувања, беше од 9 мај до 9 август 2024 година.
Министерот Свечла соопшти дека досега 5.588 граѓани од српската заедница ги замениле нелегалните српски возачки дозволи со официјални косовски возачки дозволи.
Како што наведе, овој процес, кој е овозможен во сите центри на Агенцијата за цивилна регистрација на Косово, се одвива без инциденти.
„Врз основа на многубројните барања на граѓаните да аплицираат за косовски возачки дозволи, само вчера има 273, како и барањето за продолжување на рокот за поднесување на барањето, кој според нашата одлука завршува утре, го зедов предвид тоа. Рокот за замена ќе биде продолжен до 23 август 2024 година“, наведе Свечла.
Тој истакна дека по овој датум со сите што не ги замениле возачките дозволи ќе се постапува според соодветната законска регулатива што е во сила.
Тој им се заблагодари на сите граѓани од српската заедница што ја исполниле обврската да ја заменат возачката дозвола и ги повика сите што не го завршиле овој процес да ги почитуваат важечките рокови.
Заедно со барањето потребно е да се достават лична карта, оригинална возачка дозвола издадена од српските власти, здравствено уверение за опрема со возачка дозвола, доказ за плаќање данок и оригинална возачка дозвола издадена од УНМИК или РКС, доколку се поднесува барање за додавање категории, што е овозможено и со одлука на Министерството за внатрешни работи на Косово.