Северна Македонија е првата земја од регионот, потписник на Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
„Денеска во Брисел, на мое големо задоволство, заедно со високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, го потпишавме Партнерството за безбедност и одбрана, со што станавме прва земја од регионот која има потпишано ваков значаен документ со Европската Унија“, напиша Муцунски на социјалните мрежи.
Според него, потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана е одраз на одличната и континуирана соработка со Унијата и претставува клучен чекор кон потесна соработка за широк спектар безбедносни прашања.
„Истото е важен дел од нашите напори за интеграција во европското семејство, нагласувајќи ги одличните односи на нашата држава со Европската Унија, изградени на меѓусебна доверба, споделени вредности и заедничка визија за безбеден и просперитетен регион“, рече министерот.
Тој на заедничката прес-конференција изразил благодарност до Унијата за довербата и посветеноста на ова партнерство.
„Нагласив дека ова е значаен чекор кон посилна и пообединета Европа, која е подготвена да одговори на предизвиците на нашето време. Притоа, ја потврдив нашата посветеност за продлабочување на ова партнерство и за унапредување на заедничките цели за мир, безбедност и соработка“, рече Муцунски.
Од Европската служба за надворешни работи соопштија дека договорот ќе придонесе за зајакнување на отпорноста и ќе овозможи заедничко управување со безбедносните предизвици, како што се хибридните закани, зајакнувањето на сајбер безбедноста, борбата против тероризмот, интегрираното гранично управување, спроведувањето на мисии и операции и соработка во други области на безбедноста и одбраната.