На повтореното, трето судење за аферата Хипо, Жупанискиот суд во Загреб со неправосилна пресуда го ослободи поранешниот хрватски премиер Иво Санадер од обвиненијата за воено профитерство.
Двете претходни постапки за аферата Хипо, во која поранешниот хрватски премиер беше осуден на две и пол години затвор, Врховниот и Уставниот суд на Република Хрватска ги поништија. Иво Санадер на судењето пристигна со судско возило, придружуван од службеници од правосудната полиција кои го спроведоа од затвор. Санадер на судењето дојде со медицинска маска и патерици.
Постапката за аферата Хипо беше вратена назад до Жупанискиот суд, кој го ослободи Иво Санадер..
Обвинението на Канцеларијата за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) го товари Санадер за примање поткуп во износ од 3,6 милиони куни (470.000 евра) од австриската Хипо банка во 1994 и 1995 година, за време на војната, во својство на помошник на Хрватскиот министер за надворешни работи за да го реализира заемот потребен за купување на згради за сместување на хрватските амбасадори.
Со оглед на тоа дека делото е сторено за време на војната, УСКОК поведе постапка со обвинение во кое делото се окарактеризира како воено профитерство, а не обичен поткуп, за што веќе би важело законското право на застареност.
Обвинителката од УСКОК, Марија Вучко, по изрекувањето на неправосилната пресуда најави дека ќе се жали на пресудата, па се очекува повторно судење во второстепена постапка.
Адвокатките на Санадер, Јадранка Слоковиќ и Чедо Продановиќ рекоа дека се задоволни од пресудата, но дека сметаат дека во аферата Хипо не е сторено кривично дело поткуп, бидејќи, тврдат, не биле презентирани докази. Оттука, велат адвокатите, нема основа Санадер да биде осуден за воено профитерство што беше клучен елемент за да се одржи судењето, поради долгото време минато од извршувањето.
Тие најавија комбинирање на трите казни изречени за Санадер, кои вкупно изнесуваат 19 години затвор, а според хрватските закони, максималната комбинирана казна за овие кривични дела може да изнесува 15 години. Доколку казните се комбинираат до максимум 15 години, Санадер има можност за условно ослободување по отслужување на половина од казната, односно 7,5 години.
Со оглед на тоа дека сите кривични дела за кои е осуден се извршени во исто својство и под исти услови, додека обвинетиот бил премиер, казната може да се комбинира на 12 години, рече адвокатот Слоковиќ, што би значело дека Санадер може да биде на условно ослободување по пет години.
Иво Санадер е во затвор од 2019 година поради три правосилни пресуди, осуден е на вкупно 19 години затвор.