Германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин во официјална посета на Скопје     Фото:  АА

Германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, истакна дека за Германија несомнено се јасни македонскиот јазик и македонскиот идентитет, и дека со францускиот предлог тие се сочувани.

Вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, и германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој се наоѓа во официјална посета на земјата, одржаа заедничка прес-конференција.

Во своето обраќање на прес-конференцијата, Сарацин, наведувајќи дека компромисот којшто е сега на маса е навистина компромис, рече дека се земени предвид барањата на Владата на Северна Македонија.

Тој нагласи дека ниту еден компромис не е перфектен и рече дека овој предлог предвидува процесот на пристапните преговори со ЕУ да започне веднаш по прифаќањето на овој договор без понатамошни одолговлекувања и без можности за блокади.

„Можам да разберам дека има и критика за овој предлог. Разбирам дека постои грижа дека сопствениот идентитет и сопствениот јазик ќе бидат доведени во прашање, но можам да кажам дека македонскиот јазик, македонскиот идентитет за Германија несомнено се јасни, и со овој предлог се сочувани“, нагласи Сарацин.

Тој, исто така, додаде дека целата сојузна Влада и лично тој се залагаат активно да живее европската перспектива на Западен Балкан, и дека во следните денови Северна Македонија би можела да даде значаен придонес за целата оваа перспектива повторно да заживее, а Германија, притоа, ќе биде на страната на Северна Македонија.

Маричиќ: Историска можност

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, истакна дека се чекор пред толку посакуваниот старт на преговорите со Европската Унија (ЕУ), рече дека е време да се валоризира досегашниот труд и да се запечатат македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската европска и просперитетна иднина.

„На чекор сме од историска можност за отпочнување на преговорите без дополнителни одлагања со заштитен македонски јазик и македонски идентитет без никакви додавки“, нагласи министерот Маричиќ.

На новинарско прашање, може ли некој да гарантира дека Бугарија нема да ги злоупотреби билатералните прашања, Сарацин рече дека не знае како ќе биде исходот од изборите во Бугарија, но дека Германија и Европската Унија ќе направат сѐ за да гарантираат дека патот на Северна Македонија во ЕУ ќе биде отворен во постапката која доаѓа, но дека без постапка, овој пат нема да биде отворен.

На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија, што треба да доведе до отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Поради незадоволство од францускиот предлог во Скопје четири дена по ред се одржуваат протести на кои граѓаните го искажуваат своето незадоволство од предлогот. Предлогот е неприфатлив и за опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски, во изминатите денови ги повика граѓаните на протест.

Демонстрантите порачаа дека ќе продолжат со протести и во наредните денови.

AA
Популарни