Сараево: Отворен Форумот на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион / Photo: AA

Во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, денес официјално е отворен 8-от форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион (EUSAIR) и годишниот состанок на Советот на Јадранско-јонската иницијатива (JJI) на ниво на министри за надворешни работи.

На свеченото отворање присуствуваа голем број официјални претставници и други гости, меѓу кои министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, и министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.

Во своето обраќање, Конаковиќ особено ја истакна важноста на регионалната соработка.

„Само со заеднички напори можеме да бидеме поуспешни во отстранувањето на сите негативни ефекти. Уверени сме дека овие чекори прават голема разлика и токму овде денеска очекуваме размена на идеи и мислења на делегациите. Европските интеграции на Западен Балкан во Европската Унија треба да бидат подеднакво важни за ЕУ ​​колку што се и за нас“, рече Конаковиќ.

Комесарот за соседство и проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји, истакна дека е важно Босна и Херцеговина да продолжи со спроведувањето на европските реформи по добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ.

„Доделувањето кандидатски статус на Босна и Херцеговина е јасна порака до народот дека неговата држава е дел од Европа. По формирањето на властите, сега се исполнети потребните услови за властите да се посветат на спроведувањето на европските реформи. Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот Регион во оваа смисла е важна за промоција на конкретната соработка во однос на одржливиот развој. Оваа стратегија нуди големи можности и ќе придонесе за економијата на регионот. Имате значајна можност, но и одговорност за дополнително зголемување на соработката во регионот“, рече Вархеји.

Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина заедно со коорганизаторите и со поддршка на „Enterprise Europe Network“ - EEN, ЕУСАИР, „Фасилити поинт“ и во соработка со Европската комисија, организира меѓународни Б2Б-состаноци во текот на првиот и вториот ден од 8-от форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион под претседателство на Босна и Херцеговина.

Овој настан обединува мали и средни претпријатија, истражувачки институции, универзитети, развојни организации, здруженија и други организации од девет земји на ЕУСАИР (Италија, Словенија, Хрватска, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Грција и Албанија).

Б2Б-состаноците во хибриден формат претставуваат единствена можност за наоѓање партнери или нови контакти за деловна, технолошка и проектна соработка со цел поврзување на регионите, зголемување на квалитетот и заштитата на животната средина, со акцент, меѓу останатото, на секторите за одржлив туризам, информациските и комуникациските технологии, енергетиката и прехранбената индустрија.

Форумот на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион (EUSAIR) ќе трае од 23 до 25 мај.

TRT Balkan / агенции
Популарни