За вечерва на плоштадот пред Башчаршија џамија е најавена дегустација на ќебапи за сите граѓани и гости на Сараево / Photo: AA

Сараевскиот ќебап сега е заштитен како бренд, како посебен традиционален автохтон производ на Босна и Херцеговина, наскоро ќе следи заштита и во ЕУ, а потоа и заштитата на сараевскиот сомун, беше соопштено денеска во Сараево на прес-конференција.

Градоначалничката Бенјамина Кариќ, домаќин на денешниот настан во Градското собрание на Сараево, истакна дека денешниот ден е историски момент за Сараево. Таа потсети дека пред две години Градот Сараево го иницираше процесот за заштита на сараевскиот ќевап.

„Многу е важно да брендираме сѐ што е наше. Сараевскиот ќебап сега е заштитен како бренд, заштитен е како посебен традиционален автохтон производ на Босна и Херцеговина. Она што е важно е дека по заштитата на сараевскиот ќебап како бренд во БиХ, ќе следи и можноста за заштита на самиот ќебап во Европската Унија. Веднаш можеме да објавиме дека одиме и на акција за заштита на сараевскиот сомун“, рече Кариќ.

Таа истакна дека како градоначалник е горда и благодарна на целиот тим што работел на овој проект, особено за поддршката на УСАИД.

„Ќе продолжиме со гордост да го чуваме она што е наше, она што е традиционално, бидејќи тоа е најдоброто што го имаме“, рече Кариќ.

Директорката на мисијата на УСАИД во Босна и Херцеговина, Кортни Чаб, за време на своето обраќање го изрази своето задоволство што сараевскиот ќебап е заштитен како бренд.

„Покрај тоа што е исклучително вкусен, сараевскиот ќебап е и клучен дел од туристичката и гастрономската понуда на овој град. Ниту едно патување во Сараево не е комплетно без уживање во овој локален деликатес. Како Американка која веќе неколку години живее во Сараево, имав среќа да бидам домаќин на многу мои пријатели во овој град, а освен што тие се ентузијасти за Сараево, првото нешто што го правиме кога доаѓаат овде е да одиме во ќебапчилница, бидејќи ако не пробале ќебапи, тогаш не го почувствувале целиот дух на Сараево“, рече Чаб.

Преку туризмот, УСАИД им помага на производителите низ Босна и Херцеговина да ги заштитат своите производи како културно наследство и безбедни прехранбени производи.

Џемил Хајриќ, директор на Агенцијата за безбедност на храна на БиХ, истакна дека целиот процес траел околу две години и резултирал со тоа што Советот на министри на Босна и Херцеговина усвоил цел сет на законодавни и правни рамки, кои овозможиле и ги поставиле темелите, на предлогот на Агенцијата за безбедност на храна за силно започнување на процесот на заштита на ознаките од географско потекло и заштита на ознаките од традиционален углед на храната во Босна и Херцеговина.

Тој додаде дека овој процес обезбедува и можност за спречување на секаков вид на злоупотреба, со оглед дека сме сведоци оти сараевскиот ќебап не се произведува во регионот на Сараево и дека се продава низ Европската унија.

„Со овој процес, кога ќе го заштитиме на ниво на Европската Унија, тоа ќе биде невозможно, а секако, со тоа ќе отвориме и поголема можност за пласман на овие производи не само во нашите ќебапчилници, но и за можноста за бизнис и производство и извоз на ќебапи и на бараниот пазар на Европската унија“, заклучи Хајриќ.

За вечерва на плоштадот пред Башчаршија џамија е најавена дегустација на ќебапи за сите граѓани и гости на Сараево, на која ќе учествуваат членови на Здружението на сараевски ќебапчии.


AA
Популарни