Во БиХ земјотресот најмногу се почувствувал во Билеќа, каде нема евидентирани поголеми штети / Photo: AA

По првичниот удар предизвикан од земјотресот со јачина од 5,3 степени рано утринава кај Никшиќ, во Црна Гора почнаа да ги бројат штетите.

Земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала ја погоди Црна Гора во 4 часот и 6 минути, потврди тамошниот Институт за хидрометеорологија и сеизмологија. Епицентарот бил на пет километри југозападно од местото Чараѓе во општина Никшиќ, а земјотресот се случил на длабочина од 14 километри.

Земјотресот беше почувствуван низ цела Црна Гора, но ги вознемири и жителите на соседните Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Албанија.

Како што пренесува порталот Вијести.ме, претседателот на месната заедница Крстач Драгољуб Манојловиќ изјавил дека е причинета материјална штета во Голија каде што бил епицентарот на земјотресот. Срушена е плевната на еден селанец, а како што изјави Манојловиќ, мештаните се јавуваат од секое село на планината Голија и известуваат дека им се оштетени куќите, плевните и покривите.

„На патот Никшиќ - Крстац има неколку одрони“, изјави Манојловиќ.

Поради свлечиштето, што беше предизвикано од земјотресот, патот кон граничниот премин Крстач кон Босна и Херцеговина беше затворен за сообраќај до раните утрински часови.

Според црногорските медиуми, мештаните го расчистиле патот за да помине полицијата.

Одрони се забележани и на неколку делници од локалниот пат во Голија каде има околу 130 домаќинства.

„Не можеме да предвидиме дали може повторно да се случи земјотрес со иста сила или посилен. Она што можеме да го кажеме е дека имавме 30 последователни земјотреси од 5,3 до 1,5 степени според Рихтеровата скала“, изјави Милена Томановиќ од Црногорскиот институт за метеорологија и сеизмологија на прес-конференцијата.

Во Босна и Херцеговина земјотресот најмногу се почувствувал во Билеќа, општинските екипи се на терен, но засега нема евидентирани поголеми штети. Сепак, општинската власт превентивно одлучи денеска во училиштата да нема настава и градинките да не работат.

AA
Популарни