Седум факти за Јаков Милатовиќ, новоизбраниот црногорски претседател / Photo: Reuters

Кандидатот на Движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ е новиот претседател на Црна Гора. Вчера во Црна Гора се одржа вториот круг од претседателските избори во кои граѓаните бираа помеѓу актуелниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ, поранешен министер за економски развој.

Според резултатите од вториот круг од претседателските избори, Милатовиќ изборната победа ја однесе освојувајќи 58,9% од гласовите, покажуваат податоците на Центарот за демократска транзиција (ЦДТ), врз основа на 100 отсто од обработените податоци.

За потсетување, во првиот круг од претседателските избори одржан на 19 март, Милатовиќ освои 28,9 отсто од гласовите и се избори за учество во вториот круг. Првпат после 1997 година во Црна Гора за претседател на државата се одлучува во втор круг.

Во своите говори во текот на кампањата на изборите истакнуваше дека актуелниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ „ќе го испрати во политичка пензија.“

Но кој е Јаков Милатовиќ, новоизбраниот црногорски претседател?

Студент на генерацијата

Милатовиќ е роден на 7 декември 1986 година во Подгорица. Дипломирал на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора. Беше студент на генерацијата со просек од десет, што му овозможи да добива разни стипендии за да го продолжи образованието во странство.

Магистрирал на Оксфорд

Како стипендист на британската Влада, магистрирал економија на престижниот Универзитет Оксфорд во Велика Британија.

Работно искуство во банки

По завршувањето на студиите, Милатовиќ се вработил во НЛБ банка во Подгорица. Тој беше дел од тимот за управување со ризик. После тоа, се вработил во Дојче банк во Франкфурт, каде што работел во тимот за проценка на кредитниот ризик на земјата, со фокус на земјите од Централна и Источна Европа.

Економски аналитичар на ЕБРД за Западен Балкан

Од 2014 година, Милатовиќ е дел од тимот за економска и политичка анализа во Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Се занимаваше со економска анализа на регионот на Југоисточна Европа, а потоа и со анализа на земјите од Западен Балкан.

Од 2018 до 2020 година во Букурешт работеше како главен економски аналитичар на ЕБРД за Романија, Хрватска, Словенија и Бугарија.

Милатовиќ во фокусот на домашната јавност се најде по парламентарните избори кои во Црна Гора се одржаа на 30 август во 2020 година.

Министер за економски развој

Беше министер за економски развој до февруари минатата година, кога на Владата, на чие чело беше Здравко Кривокапиќ и е изгласана недоверба. Како министер, иницираше зголемување на минималната плата на сметка на здравствениот систем.

Основач на Движењето „Европа сега“

Движењето „Европа сега“ основано е на 26 јуни минатата година, кога Милатовиќ е избран за претседател. Милатовиќ објави неколку стручни трудови и коавтор е на две книги. Говори англиски, италијански и шпански. Женет е и татко е на три деца.

Ветување: Црна Гора членка на ЕУ во наредните пет години

Во својот говор пред јавноста при прогласување на победата на претседателските избори истакна дека ова е победа на „помирената Црна Гора“.

Пред јавноста вети дека Црна Гора ќе стане членка на ЕУ во наредните пет години и дека ќе се залага за добрососедски односи.

„Ние вечерва сите заедно рековме Црна Гора да оди напред, да оди кон богатство, кон земја на правдата, помирување и заедништво. Јас, како претседател на Црна Гора, заедно со сите вас во наредните пет години ќе ја воведам Црна Гора во ЕУ“, истакна Милатовиќ.

Како клучни приоритети во неговиот претседателски мандат Милатовиќ ги истакна владеењето на правото, економијата и европските интеграции.

Претседателските избори во Црна Гора се одржа по неколку исклучително турбулентни години на политичката сцена, а воедно се и вовед во вонредните парламентарни избори закажани за јуни.

Ова беа четврти претседателски избори откако Црна Гора се одвои од Србија, односно од осамостојувањето прогласено во 2006 година. Претседателскиот мандат во Црна Гора трае пет години. Актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ, претседателската функција ќе ја извршува до 21 мај, денот кога е предвидено да биде извршено примопредавањето на власта.

TRT Balkan
Популарни