Северна Македонија и Албанија се разделија на европскиот пат /       Фото: АА / Photo: AA

Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“. Со спроведувањето на ваквата одлука Албанија ќе премине во следната фаза од преговарачкиот процес, со што практично би се раздвоила од Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ, иако досега двете земји се движеа во пакет во пристапниот процес.

„Можеме да потврдиме дека Корепер се согласи да продолжи процесот на пристапување на Албанија во ЕУ“, изјави за МИА портпаролката на унгарското претседателство за Корепер, Ана Атанасов.

Во однос на ваквата одлука на Корепер, портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро изјави дека ставот на Европската комисија е многу јасен и таа со нетрпение очекува почеток на преговорите по Кластерот „Основи вредности“ што е можно поскоро и со Албанија и со Северна Македонија, откако земјава „ќе ги исполни релевантните критериуми договорени со Советот“ на ЕУ. Таа додаде дека тие „релевантни критериуми“ ги опфаќаат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот, нагласувајќи дека Европскиот совет ја повика земјава да го забрза спроведувањето на овие измени.

Коментирајќи ја одлуката за потенцијално одвојување на Албанија од земјава на европскиот пат, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тоа е лоша порака кон македонските граѓани, бидејќи државата во над дводеценискиот пат кон интеграција во ЕУ сторила многу работи, повеќе од која било кандидатка или актуелна членка, кои најчесто немаат никаква врска со Копенхашките критериуми. Тој и посака многу успех на Албанија во преговарачкиот процес, додавајќи дека можеби еден ден „нашите патишта повторно ќе се сретнат по таа траекторија кон полноправно членство во ЕУ“.

„Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачката рамка. Гледаме дека состојбата е таква каква што и го делам впечатокот со огромен број македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски отстапки, да прифаќаме услови без гаранции“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека сегашната позиција во однос на нашето членство е диктат.

„За мене ова е диктат, ако ова е условот за Македонија да продолжи да преговара, тогаш, тоа го кажав и во Брисел, - не благодарам. Тоа не се европските вредности во кои се вљуби мојата генерација... Ајде да разговараме, немојте со диктат, не не условувајте со диктат, јас сакам да разговараме колку што е потребно за да најдеме решение, очигледно сега немаме решение“, изјави Мицкоски.

Премиерот направи паралела меѓу уставните амандмани поврзани со Преспанскиот договор, кои стапија во сила откако Грција го ратификуваше претпристапниот Протокол за членство на земјава во НАТО и нагласи дека тоа треба да важи и за сегашната промена на Уставот.

„Еве ќе ја завршиме процедурата, имаме 80 пратеници, но амандманите што ќе ги поминеме нека важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за наше членство во ЕУ“, рече Мицкоски.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, запрашан за став за одлуката за Албанија, изјави дека Владата и коалицијата „Вреди“ на која тој и припаѓа, остануваат посветени на евроинтеграцискиот пат на земјата.

- Остануваме посветени на ова прашање кое е еден од врвните приоритети во нашите политики. Се надевам дека брзо ќе најдеме решение, истакна Меџити.

За лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче одлуката на Корепер претставува „тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата“.

Во својата реакција на одлуката на Корепер, ДУИ оцени дека последните настани, вклучително и претстојното отворање на преговорите на ЕУ со Албанија, јасно покажуваат дека „просторот за одлучни чекори брзо се затвора“.

Советот на ЕУ во јули 2022 година донесе одлука во пакет за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија, по што двете земји го спроведоа скрининг процесот.

Но, по завршувањето на скринингот Албанија беше блокирана за преминување кон следната фаза од преговарачкиот процес од страна на Грција, поради приведувањето на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белери, инаку етнички Грк, под обвинение за поткуп на гласачи пред изборите во мај 2023 година. Белери, сепак победи на изборите за градоначалник, а во меѓу време беше избран и за европратеник од Грција на изборите во јуни годинава, по што беше ослободен од притвор за да може да го заземе своето место во Европскиот парламент.

Кога станува збор, пак, за земјава, согласно Преговарачката рамка усвоена во јули 2022 година, таа ќе премине во следната фаза на преговорите, по усвојувањето на уставните измени со кои во Уставот заедно со другите делови од народи, би биле споменати и припадниците на бугарскиот народ.

Во заклучоците од последните Самити на ЕУ во делот за земјава се посочува дека „Европската унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом таа согласно нејзините внатрешни процедури ја спроведе својата заложба да ги изврши уставните измени наведени во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени“.

Новите македонски власти ја промовираа идејата за излез од ќор-сокакот во кој се најде земјава на европскиот пат со т.н. „француски предлог плус“, кој предвидува одложено дејство на уставните измени, односно нивно усвојување пред официјалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ по поглавја, но тие да стапат во сила на крајот од преговарачкиот процес.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински, кој минатата недела го придружуваше премиерот Мицкоски при работната посета на Брисел, за МИА изјави дека на средбите со претставниците на ЕУ се дискутирало и „за дел од овие прашања и дека дијалогот продолжува“.

MIA
Популарни