Северна Македонија испраќа помош во Туркије / Photo: AA

Владата на Северна Македонија на предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната 126 седница, донесе неколку заклучоци меѓу кои и да го задолжи Министерството за финансии да подготви и до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, во износ од шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес.

„Се задолжуваат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во координација со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, итно да подготват и до Владата да достават соодветна одлука за испраќање на сили/тимови за заштита и спасување, коишто ќе се вклучат во погодените подрачја, како и одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Турција (Туркије)“, соопшти Владата на Северна Македонија.

„Се задолжува Министерството за одбрана во рамките на своите надлежности итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување соодветна помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош“, се додава во соопштението.

Како што информира Владата, се задолжува Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.

„Се препорачува, Црвениот крст на Република Северна Македонија во рамките на своите законски надлежности и можности, во соработка со надлежните институции, да се вклучи во акцијата за обезбедување помош на настраданите, со испраќање тимови и друг вид хуманитарна помош, соодветна за вакви природни катастрофи“, стои во соопштението.

Се задолжува Генералниот секретаријат на Владата во соработка со Министерството за надворешни работи, да преземе активности во насока на итно префрување на одобрените средства од Буџетот, како и да одржува редовна комуникација со Амбасадата на Република Турција (Туркије) во Република Северна Македонија, со цел спроведување на одлуката.

Тим од 40 лица од Дирекцијата за заштита и спасување се испраќа во Туркије

Владата, на предлог на Дирекцијата за заштита и спасување, донесе одлука во санирањето на последиците од земјотресот во Туркије да се испратат 40 лица од Дирекцијата за заштита и спасување - припадници на републичките сили за заштита и спасување.

Од Дирекција за заштита и спасување се обезбедува и комплетна специјализирана опрема и материјално - текхнички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.

Финансиските трошоци за оваа намена ќе се обезбедат од средства на Дирекцијата за заштита и спасување.

Северна Македонија испраќа хуманитарна помош

Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Туркије и тоа 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.

Во Туркије се испраќаат припадници на АРМ

Во санирањето на последиците од земјотрес, се испраќаат вкупно 24 лица припадници на Министерството за одбрана - Армија на Република Северна Македонија, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили и две лица водачи на службени кучиња, со две кучиња, од Командата за обука и доктрини на Министерството за одбрана.

„Финансиските трошоци за оваа намена ќе се обезбедат од сопствените средства на Министерството на одбрана“, информираат од Владата.

Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтер утрово ја погоди Туркије со епицентар во областа Пазарџик во Кахраманмараш. Според досегашните информации, во земјотресите во Туркије загинаа 2.379 лица, додека 14.483 лица се повредени.

Разорен земјотрес ја погоди и Сирија, каде загинаа најмалку 1.356 лица.

TRT Balkan / агенции
Популарни