Претставниците на државниот врв на Република Северна Македонија изразија сочувство по експлозијата во турскиот град Истанбул.
Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во објава на социјалните мрежи упати сочувство до семејствата на загинатите и до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите, претседателот Реџеп Таип Ердоган и турскиот народ во овие тешки мигови по денешната стравична експлозија во Истанбул. На повредените им посакувам брзо закрепнување“, истакна Пендаровски.
Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски во пораката во која го изрази своето сочувство истакна:
„Упатувам длабоко сочувство до братскиот турски народ, до семејствата на загинатите, до градоначалникот и претседателот Реџеп Таип Ердоган по денешната експлозија во срцето на Истанбул.“
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи упати искрени желби за брзо закрепнување на повредените.
„Шокиран и тажнен од веста за експлозијата во Истанбул попладнево, која резултираше со бројни жртви. Моето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и нивните најблиски. Искрени желби за брзо закрепнување на повредените“, напиша Османи на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер.
Експлозија на Истиклал улицата во Истанбул
Турскиот претседател Ердоган соопшти дека во експлозијата во истанбулската улица Истиклал денеска во попладневните часови загинаа најмалку шест, а повредени се 53 лица.
„Би било погрешно со сигурност да се рече дека се работи за тероризам, но првичните информации добиени од гувернерот укажуваат дека тука се чувствува мирисот на тероризмот“, рече Ердоган.