Во последните десетина години 40 отсто од високообразовниот и стручен кадар заминува од земјата. Северна Македонија е во топ 20 земји со емиграција на високобразовните и стручни кадри, а на петто место во рамки на Европската унија, истакна денеска државниот ревизор Максим Ацевски пред собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетски прашања.
Ацевски презентираше извадоци од Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија изразувајќи надеж дека барем дел од препораките содржани во него ќе бидат имлементирани со цел намалување на одливот.
ДЗР во извештајот заклучува дека со спроведената ревизија и применета ревизорска методологија и прибраните ревизорски докази стекнале уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата. Проценките од извршената анализа на ангажираниот експерт на ДЗР покажуваат дека во периодот 2013-2021 година просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Се посочува дека одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП.
Дали овие податоци се реални имајќи предвид одредени отстапувања, рече Ацевски, не би можел да кажам, но бројот на високообразовните кадри што заминуваат е висок.
Според извештајот, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образованието во овие кадри која во просек изнесува 3,19 проценти годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.
По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година не е усвоен нов стратешки документ кој го опфаќа проблемот поврзан со одлив на мозоци односно сеопфатна стратегија за економската миграција, со мерки и активности поврзани со намалувањето на одливот на високообразован кадар, со што би се намалиле и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност. Се констатира дека мерките од Стратегијата не се целосно имплементирани.
Ацевски истакна дека државата не успеала да формира единствена база на податоци за да има бројка на одлив на високообразовани и стручни кадри. Како пример посочува дека во 2023 /2024 имало околу 23.000 слободни места за упис на државните универзитети, а се запишале само 10.000. Според државниот ревизор, недостасува и точен мониторинг и колку реално студенти можат да запишат универзитетите.