Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, во понеделник во Сараево оствари средба со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани и министерот за европски и меѓународни работи на Австрија, Александар Шаленберг, кои се во официјална посета на БиХза да ѝ ја изразат својата поддршка на патот кон отворање на преговорите со ЕУ.
По средбата со делегациите, Конаковиќ изјави дека министрите за надворешни работи на Италија и Австрија се едни од најголемите заговорници на процесот за членство на БиХ во ЕУ и дека на БиХ и даваат значителна поддршка. Тој посочи и дека надворешната политика на Босна и Херцеговина е целосно усогласена со надворешната политика на Европската унија.
„Многу е направено на европскиот пат од нивната последна посета. Ќе видиме дали тоа е доволно, со оглед на тоа што имаме уште некои услови кои треба да ги исполниме до самата седница на Европскиот совет. Некои се во процес. Мислам дека на денешната седница на Советот на министри на БиХ можеби веќе го имаме Законот за судир на интереси“, рече Конаковиќ.
Тој додаде дека почетокот на преговорите со Фронтекс е многу важен, особено во светло на илегалната миграција.
Како што рече, на средбата било констатирано дека ова е најдобриот извештај на Босна и Херцеговина во нејзината историја, но дека има уште многу важни задачи да исполни.
„Во овој момент ни треба лидерство од ЕУ. Не може да се зборува само за бирократски процеси и процедури. Извезуваме повеќе од 93 проценти од нашите производи во земјите на ЕУ и невозможно е да се најде ни приближна алтернатива. Ова е нашата судбина во економска смисла. Таа може да биде промовирана. Доколку пакетот за поддршка се спроведе според планираното, БиХ ќе добие нова милијарда евра за поддршка на својата економија и ќе има можност значително да го интегрира својот пазар во единствениот пазар на ЕУ, дури и пред пристапувањето. Тоа е она што ги лечи нашите стравови од двоен пензиски фонд и им гарантира перспектива на младите, не одење во земјите од Западна Европа каде што бараат иднина“, рече Конаковиќ.
Тајани изјави дека во Сараево пристигнал со својот австриски колега со цел да ја изрази нивната поддршка за отворање на преговорите со Босна и Херцеговина.
„Ние ги поддржуваме вашите реформи и ситуацијата денес е подобра од било кое време во историјата на вашата земја. За Италија Западен Балкан е приоритет. Заедно со Австрија организираме група пријатели од Западен Балкан кои се состануваат на секои три до четири месеци. Притискаме во вистинската насока кон силна стратешка соработка за најважните прашања, пред сè за стабилноста во регионот, за работа против тероризмот, трговијата со луѓе, оружје и наркотици, да работиме на проблемот со илегалната миграција, што е проблем за сите“, рече Тајани.
Шаленберг рече дека оваа посета е многу силен знак за австриско-италијанската поддршка.
Тој додаде дека секоја политичка сила која мисли дека може да застане на патот на европскиот пат на БиХ ја отуѓува иднината на оваа земја и на младите луѓе.
„Според податоците на Светска банка, повеќе од 44 проценти од Босанците и Херцеговците живеат надвор од земјата. Ние во Австријапрофитиравме од тоа. Важно е да се запре одливот на мозоци и да се даде шанса на младите овде. Време е да се фатиме за работа. Има некои земји-членки на ЕУ кои се резервирани, но не им давајте причина што можат да ја искористат против вас. Ова не е алтруизам, тоа е наш интерес. Ние сме во фаза кога војната се врати во Европа, ова е критичен период, момент на геополитичка неизвесност“, рече Шаленберг.
Тој додаде дека е неопходно да се создаде „појас на стабилност и безбедност“ и дека единствениот начин да се постигне тоа е сите земји од Западен Балкан да бидат членки на ЕУ.