Претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Мустафа Шентоп, денеска во главниот град на Србија изјави дека односите меѓу Анкара и Белград се во нивното златно доба.
Тој го пофали српското претседавање со Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка и му се заблагодари на претседателот на Народното собрание на Србија, Владимир Орлиќ, од кого денеска во име на Туркије го презеде претседавањето со оваа организација.
Тој изрази особено задоволство поради тоа што претседавањето преминува на Туркије, „така што ќе продолжиме да ја поддржуваме работата на оваа наша организација во наредниот период“.
„Односите меѓу Србија и Туркије се во нивното златно доба, како што рече претседателот на парламентот Орлиќ, но и претходно претседателот на Србија Александар Вучиќ. Во основата на тие односи е блиското пријателство на нашите претседатели Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ.“, изјави Шентоп.
Шентоп рече и дека односите меѓу парламентите на двете земји се на исклучително високо ниво.
Тој потсети на посетата на турскиот претседател Ердоган на Србија во септември, но и неговата минатогодишна посета и го покани Орлиќ да ја посети Туркије.
Овие посети на високо ниво, како што наведува Шентоп, позитивно се одразуваат на економските, трговските и другите односи.
Шентоп ја истакна важноста од постигнување на целниот обем на трговска размена меѓу двете земји во износ од пет милијарди долари.
„Инвестициите на Туркије во Србија се зголемуваат, особено во последните десет години, од еден милион се зголемени на 400 милиони долари, а сите овие инвестиции имаат посебна конотација бидејќи ние и нашите бизнисмени веруваме во пристапот на взаемна корист, заеднички интерес со земјата во која инвестираме“, објасни Шентоп.
Како што рече, односите меѓу Туркије и Србија се важни на билатерален план, но се многу важни и за мирот и просперитетот на целиот Балкан.
„Сметаме дека безбедноста на Балканот е безбедност и во Европа, а темелите на мирот на Балканот се односите меѓу Србија и Туркије, така што преку нашите парламенти ќе работиме на постигнување мир и просперитет и ќе влијаеме на развојот на односите меѓу сите земји “, рече Шентоп.
Претседателот на Големото национално собрание на Туркије денеска се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.