Високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит оцени дека нема опасност од насилство и закани за мирот во Босна и Херцеговина, предупредувајќи, меѓутоа, дека има постојани закани за политичкиот мир поради постапките на функционерите на Република Српска.
„Мирот во смисла дека се гледа како мир во отсуство на насилство и одредена воена опасност, не е загрозен“, рече Шмит во интервју за весникот „Препород“ на Исламската заедница.
Истовремено, тој додаде дека во Босна и Херцеговина постојано се става на тест „политичкиот мир кој е доведен во прашање“.
Лидерот на Република Српска Милорад Додик често се заканува дека ќе го отцепи тој ентитет од Босна и Херцеговина, поради што е мета на меѓународни претставници, а бошњачките политички претставници предупредуваат дека таквите потези нема да завршат мирно. Шмит посочува дека не постои можност за отцепување на босанскиот ентитет Република Српска.
„Оние кои зборуваат за распаѓање треба да бидат свесни дека во Дејтон нема темел за таква приказна, затоа, нема основа“, рече германскиот политичар на чело на меѓународната администрација. Тој предупреди дека Европската унија и САД имаат „алатки“ за да го спречат распадот на Босна и Херцеговина.
Запрашан за заклучоците на Сесрпското собрание во Белград, високиот претставник за Босна и Херцеговина ги повика сите инволвирани на „одговорност кон целиот регион“.
Шмит изрази очекување дека негирањето на геноцидот и воените злосторства во Босна и Херцеговина ќе престане.