Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, изјави дека одбележувањето на таканаречениот Ден на Република Српска на 9 јануари, кој Уставниот суд на Босна и Херцеговина го прогласи за неуставен, може да има последици.
„Високиот претставник Кристијан Шмит уште еднаш нагласува дека постапките и активностите на властите на Република Српска со кои се одбележува и слави Денот на РС, 9 јануари, може да имаат последици. Учеството и присуството на јавните службеници во таквите прослави претставува очигледно непочитување на Уставот на Босна и Херцеговина, како и отворено непочитување на овластувањата и и одлуките на Уставниот суд на БиХ кои се конечни и задолжителни, како и дека сите мораат да ги почитуваат“, се наведува.
Понатаму, се наведува дека обврската на сите, а пред се на претставниците на извршните, законодавните и судските органи во БиХ, да се „однесуваат во согласност со уставниот и законски поредок на земјата и да се воздржат од активностите кои ја подриваат изградбата на довербата и неспоиви се со европските вредности на инклузија, толеранција, правда, солидарност и недискриминација“.
На крајот се наведува дека високиот претставник ќе продолжи да работи на заштита на Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина.
Беќировиќ: Одбележување на 9 јануари е кривично дело
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Беќировоиќ и директорот на Меморијалниот центар Сребреница Емир Суљагиќ го осудија одбележувањето на 9 јануари, таканаречен Ден на бх.ентитет Република Српска, потсетувајќи на одлуките на Уставниот суд на БиХ според кои е утврден за неуставен.
„Новото одбележување на 9 јануари организирано во Источно Сараево, а претходно и во Бањалука, и покрај одлуките на Уставниот суд, според законите во Босна и Херцеговина претставува кривично дело и затоа треба да биде казнето и спречено во иднина, бидејќи неказнивоста охрабрува ново кршење на законот и повторување“, истакна Беќировиќ и додаде дека поради тоа е потребно итно да реагира меѓународната заедница и да се санкционира непочитување на законот.
Амбасадата на САД: РС ќе се уништи со приказната за независноста
Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Босна и Херцеговина се огласи по повод доделувањето на признанието на рускиот претседател Владимир Путин и одбележувањето на 9 Јануари, таканаречениот Ден на Република Српска.
„Одлуката на Милорад Додик да го дарува и награди Владимир Путин, човекот кој започна неиспровоцирана инвазија на Украина што резултира со смрт на илјадници цивили и масовно уништување на инфраструктурата, е за осуда“, се вели во соопштението.
Американската Амбасада соопшти дека тоа е отфрлање на вредностите на евроатлантската заедница и меѓународниот поредок заснован на правото.
„Повиците за независност на РС, што вчера беа повторени со лажни тврдења за овластувања и обидите за поткопување на државата Босна и Херцеговина, ја туркаат државата на опасен пат. Република Српска само ќе се уништи себеси и оние околу нив туркајќи ја приказната за независноста“, истакнаа од Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина.