Германскиот канцелар Олаф Шолц денес ја потврди силната поддршка на неговата земја за членството на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
„Европската Унија е комплетна само со Западен Балкан како нејзин дел“, рече Шолц на 10. самит на Берлинскиот процес во Германија, на кој се собраа лидерите од регионот и од ЕУ. Тој ги повика лидерите да продолжат со реформите и чекорите за подобрување на регионалната соработка, со цел нивните земји да се приближат до членството во ЕУ.
„Денес вие, лидерите на земјите од Западен Балкан, правите крупни чекори кон нашата заедничка цел“, истакна Шолц.
Германскиот канцелар го пофали деблокирањето на договорот за слободна трговија ЦЕФТА бидејќи тоа овозможило активирање на неколку други договори, како што се договорите за работни дозволи и маршутите за е-трговија.
Шолц особено му се заблагодари на Косово што ја укина забраната за увоз на стоки од Србија и даде придонес во наоѓањето решение.
Германскиот канцелар ја истакна и важноста на чекорите кон нормализирање на односите меѓу Србија и Косово и порача дека билатералните прашања мора да се решаваат во духот на соработката.
„Сите знаеме колку вашиот регион сè уште е обликуван од конфликтите од минатото. Време е да го надминеме тоа минато и да го свртиме погледот кон иднината. Затоа денес сакам на нашите пријатели од Белград и од Приштина да им го кажам следново: ‘Ве молам, не дозволувајте минатото да ве спречи на вашиот пат кон мирна и просперитетна иднина.’ Убеден сум дека таа иднина е во ЕУ“, порача Шолц.