Околу 800 летови на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ денеска беа откажани поради штрајкот на пилотите на компанијата. Од откажувањето на летовите директно погодени ќе бидат околу 130.000 патници, меѓу кои и оние од регионот на Балканот.
Компанијата главно лета од аеродромите во Франкфурт и Минхен. Иако штрајкот започна во 00:01 часот по локално време и треба да трае до 23:59 часот вечерва, можни се одложувања или откажувања и викендов.
Погодени патнци од Балканот
Меѓу патниците кои ќе претрпат штета од откажаните летови се и патниците од Балканот односно оние патници кои од Франкфурт и Минхен ќе патуваат до некој од градовите во регионот.
ТРТ Балкан со пребарување на летовите од двата аеродрома дојде до податоци за повеќе такви летови. Се работи за вкупно 15 откажани летови денеска за балкански дестинации-седум од Минхен и осум од Франкфурт.
Од Минхен се откажани: лет за Тирана , по два лета за Атина и Софија и по еден за Дубровник и Сплит. Од Франкфурт пак се откажани два лета за Белград, по еден за Тирана, Софија, Атина, Дубровник, Сплит и Љубљана.
„Луфтханза“ побара од своите патници да го проверат моменталниот статус на нивните летови преку Интернет, да го контактираат телефонскиот центар за одредено решение за пререзервација.
„Поради штрајкот се отворени само неколку или ниту еден шалтер. Затоа е малку веројатно дека и таму ќе ви биде понудена итна алтернатива”, велат од компанијата.
Кои се барањата на синдикатот?
Синдикатот на пилотите одлучи да стапи во штрајк откако на преговорите со раководството во средата не беше постигнат напредок.
„Луфтханза мора да претстави значително подобрена понуда. Позициите на раководството и синдикатот во моментот се премногу оддалечени“, изјави преговарачот Марсел Грелс.
Според него, Комисијата за колективно преговарање бара зголемување на платите и понатамошен раст во согласност со инфлацијата и меѓународно конкурентните структури на платите кај сите групи на професии.
Од компанијата соопштија дека предложиле линеарно зголемување на платите од 900 евра. Тоа е пет проценти за пилотите со подолг стаж и 18 проценти за оние кои имаат помал стаж.
Ова е втор голем штрајк во компанијата. На крајот на јули авиопревозникот откажа 1.000 летови поради недостаток на персонал.
Авионите од странство се враќаат во Германија
Авионите на Луфтханза кои се наоѓаат во други држави денеска се враќаа во Германија. Од друга страна патниците на кои Германија им е попатна дестинација дури за време на викендот ако штрајкот прекине ќе можат да го продолжат нивното патување.