Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, оствари средба со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, во Тиват, Црна Гора, каде учествува на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, на средбата претседателката Сиљановска-Давкова изразила благодарност за цврстата и континуирана поддршка од Хрватска во процесот на евроинтеграциите, што е најдобриот пат за развој на нашиот регион и стабилноста на Европа.
„Во таа насока, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека евроинтеграцискиот процес мора да се ослободи од оковите на билатералните прашања и целосно да се дебилатеризира, посочувајќи на опасноста од зголемување на евроскептицизмот поради актуелниот ќор-сокак во кој се наоѓа процесот“, стои во соопштението.
Претседателката Сиљановска-Давкова посочи на потребата Европската Унија да ја потврди својата јасна посветеност на регионот, како што беше направено на Самитот во Солун во 2003 година, а процесот на интеграција да се базира на исполнување на критериумите од Копенхаген како единствени услови за влез во Унијата.
Во контекст на регионалната соработка, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека нејзиното зајакнување ќе обезбеди нашиот регион да остане отпорен на надворешни притисоци.
„На средбата претседателката Сиљановска-Давкова потенцираше и дека како НАТО-сојузници, силно сме посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности во рамките на Алијансата, придонесувајќи за меѓународните мировни операции, споделувајќи заеднички ставови во однос на ситуацијата на регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност во регионот“, се вели во соопштението.
Во разговорите беше констатирано дека двете држави негуваат одлични билатерални односи, кои се карактеризираат со интензивен политички дијалог, конструктивна соработка во сите области од заемен интерес и долгогодишно пријателство.
Претседателката претходно оствари средба и со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар како и со Жељка Цвијановиќ, членка на Претседателството на Босна и Херцеговина.