Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, денеска го прими амбасадорот на Република Туркије во Скопје, Фатих Улусој.
Како што стои во соопштението испратено од претседателскиот кабинет, на средбата се разменети мислења за севкупните билатерални односи, што се традиционално пријателски, во духот на стратешкото партнерство меѓу двете држави и сојузништвото во НАТО алијансата.
„Претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за севкупната поддршка што Туркије ја дава од првите денови на македонската независност и ја истакна својата посветеност да работи на натамошно унапредување на односите меѓу двете држави во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст, претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата за создавање на неопходните услови за интензивирање на соработката меѓу бизнисите од двете држави, со цел зголемување на трговската размена“, се вели во соопштението.
На средбата се разменети мислења и за актуелните состојби во двете земји, безбедносните и политичките случувања во регионот, како и за предизвиците во однос на македонските евроинтеграции.
Претседателката изрази очекување дека Туркије и во иднина ќе биде конструктивен партнер и поддржувач на Северна Македонија на билатерален и на мултилатерален план.
На средбата е нагласена и улогата и придонесот на турската заедница во севкупниот развој на државата.