Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот: поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан, поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис ул Улема Хаџи Шаќир ефенди Фетаи, поглаварот на Католичката црква, Скопски бискуп и епарх струмичко- скопски, Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско- методистичката црква, Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, соопшти претседателскиот Кабинет.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова се заблагодарила за упатените честитки по повод нејзиното стапување на функцијата.
Претседателката Сиљановска Давкова ја изразила својата подготвеност за соработка со сите верски заедници и религиозни групи во државата, во интерес на меѓусебното разбирање и почит.
Претседателката ја истакнала важноста на верските заедници во негувањето на соживотот, како важен предуслов за просперитетот и напредокот на државата и изрази увереност дека верските заедници ќе продолжат да даваат активен придонес во напорите за одржување и натамошен развој на добрите меѓуверски односи.
Сиљановска Давкова ја поздравила работата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи и придонесот во градењето на доверба и соработка меѓу верските заедници и религиозни групи, заштита на секуларниот карактер на државата и унапредување на верските слободи и права на граѓаните.