Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто во Будимпешта изјави дека земјата ќе гласа против членството на Косово во европските тела.
„Нашиот став е дека ќе го доведе во прашање постигнувањето компромис доколку одредени европски формации го прифатат Косово пред да постигнат договор. И поради таа причина Унгарија ќе гласа против членството на Косово во европските тела“, посочи Сијарто во одговор на прашања од новинари, на заедничка конференција со министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ.
Сијарто истакна дека Унгарија, како што рече, е навистина заинтересирана за изнаоѓање решение засновано на вистински дијалог.
„И затоа прифативме раководство на силите на КФОР на Косово, бидејќи мислевме дека можеби на тој начин можеме да придонесеме за обезбедување мир. Сакаме компромис да се постигне што е можно поскоро“, рече Сијарто.