Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими претседателот на Комисијата за надворешна политика на Големото национално собрание на Туркије, Фуат Октај.
Таа уште еднаш изрази сочувство за пожарот што се случи во скијачкиот центар Карталкаја. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на меѓусебното разбирање и помош во тешките мигови.
Средбата го потврди цврстото македонско-турско пријателство. Беше констатирано дека турската заедница во земјава е нераскинлив дел од македонското општество и дека граѓаните од македонско потекло во Туркије се мост за зближување меѓу двете земји. Претседателката уште еднаш ги истакна нејзините блиски релации со Туркије врзани за личното, професионалното и пратеничкото искуство.
Соговорниците го потенцираа значењето на стратешкото партнерство за севкупните меѓусебни односи, а особено за одбраната и безбедноста. Тие се согласија дека улогата на турската заедница е особено важна во македонското мултикултурно општество.
Исто така, изразија очекување за поголеми инвестиции и зголемена трговска размена.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Големото национално собрание на Туркије, Фуат Октај укажа на потребата да се подобрат условите за живот во средините со мнозинско турско население со посебен акцент на инфраструктурата. Исто така, тој ја пренесе желбата на неговите сонародници за почести средби со претседателката.
Претседателката го поддржа турскиот предлог за воспоставување на Висок совет за стратешка соработка меѓу двете држави како гаранција за продлабочување на стратешкото партнерство. Во советот обајцата гледаат правна и институционална рамка за динамизирање на севкупната меѓусебна соработка.
Октај укажа на големиот интерес на бројни турски граѓани со македонско потекло за побрзо добивање на македонско државјанство. Исто така, во областа на туризмот тие гледаат отворен простор за поголема соработка.