По наредба на специјалниот јавен обвинител на Косово, македонскиот државјанин беше привремено задржан 48 часа / Photo: Јавно Обвинителство на Р. Северна Македонија

Косовската полиција вчера уапсила македонски државјанин осомничен дека за една година пуштил во оптек стотици илјади фалсификувани евра монети во вредност од 2 евра, информираше Јавното обвинителство. Истовремено во Скопје биле запленети машини за фалсификување и калапи потребни за изработка на монетите.

Според ЈОРМ, поради регистрирани неколку случаи на пуштање во оптек на фалсификувани пари во Косово, тамошното Специјално јавно обвинителство заедно со Секторот за истражување економски криминал и корупција во косовската полиција, со поддршка на други истражни и разузнавачки органи во таа држава, од 2023 година започнало повеќе активности насочени кон спречување на дистрибуцијата на фалсификувани пари, особено евра на косовскиот пазар со што се нарушуваше пазарот и јавниот интерес.

„Како резултат на овие активности, започна голема меѓународна истрага во рамките на која беше формиран Заеднички истражен тим меѓу Косовското специјално обвинителство од една страна и Основното јавно обвинителство Скопје од друга страна. Во спроведување на активностите на истражниот тим беа вклучени претставници на Истражниот центар на ОЈО Скопје, на Одделот за борба против организиран и сериозен криминал, Единица за финансиски криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Директоратот за економски криминал при Косовската полиција“, рекоа од ЈОРМ.

Скопската полиција запленила калапи за исработка на лажните монети Others

Работејќи заедно тие реализираа операција во која на 4 август во Косово беше уапсен еден државјанин на Северна Македонија за кого постои сомнение дека произведувал и пуштал во оптек во Косово стотици илјади фалсификувани метални евромонети во номинална вредност од по 2 евра.

Во исто време, во Скопје беа извршени претреси на три локации при што беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите. Сите тие ќе бидат предмет на натамошно вештачење.

„По наредба на специјалниот јавен обвинител на Косово, македонскиот државјанин беше привремено задржан 48 часа, по што до надлежниот суд е доставен предлог за негово обезбедување во текот на постапката. Оваа операција во целост е поддржана од Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан, кои овозможија оперативна координација, критична разузнавачка анализа и техничка помош за успешна реализација, велат од ЈОРМ.

TRT Balkan / агенции
Популарни