Граница Словенија - Хрватска     Фото: Reuters

Помала единица на војската на Словенија денеска почна со отстранување на жичаната ограда наменета да спречи илегални премини на мигранити на словенечката страна на границата со Хрватска во близина на граничниот премин Виводина-Крмачина.

На чинот на отстранување присуствуваше и министерката за внатрешни работи на Словенија Татјана Бобнар. Таа истакна дека отстранувањето на противмигрантските пречки е знак на промена на политиката на новата влада кон мигрантите и бегалците бидејќи се обврзала на почитување на човековите права на највисоко ниво и забрзување на обработката на барањата за азил.

Бобнар изјави дека на границата кон Хрватска се поставени околу 51 километар жичана ограда и дека војската дневно може да отстранува 150 до 200 метри. Проценка е дека за отстранување на целата ограда на војската ќе и бидат потребни 150 работни денови.

„Нашата намера е прво да ја отстраниме жицата, а потоа ќе започне постепеното отстранување на металната панел ограда и тоа во соработка и комуникација со локалната самоуправа која е заинтересирана за преземање на оградата и таа нема да се уништи”, рече Бобнар.

Сепак таа предупреди дека панел оградата нема да ја отстранува војската туку претпријатие избрано на јавен повик кое Министерството за внатрешни работи допрва треба да го распише. За отстранување на оградата сега се одвоени 2,5 милиони евра.

Според податоците кои министерството за внатрешни работи на Словенија ги објави неодамна, Словенија на границата кон Хрватска поставила вкупно 135.372 метри панелна ограда и 60.595 метри бодликава жица. Жицата кон крајот на 2015 година поради страв од заострување на мигрантската криза ја постави тогашната словенечка Влада која ја водеше Миро Церар.

Со проширувањето на почетните пречки за мигранти по владата на Церар продолжија и другите влади кои дојдоа потоа, а делот со бодликава жица постепено беше менувана со панел ограда.

Владата на поранешниот премиер Јанез Јанша во септември минатата година околу 40 километри противмигрнтски препреки од резервите и ги донираше на Литванија за поефикасна заштита на 508 километри долгата копнена граница со Белорусија. Литванија во тоа време се соочуваше со неконтролиран наплив на бегалци кои според западните медиуми намерно преку граница ги праќал режимот на белорускиот претседател Лукашенко.

HINA
Популарни