Триесетгодишниот македонски државјанин Кенан С. се самоубил, откако со пиштол ја убил својата поранешна партнерка Дарја Г.(40) вчера во населбата Памече во Словењ Градец, соопшти словенечката полиција.
Според полицијата, убиецот починал на самото место, а жртвата била тешко повредена и пренесена во болницата во Словењ Градец, каде истата вечер починала.
Боштјан Дебелак, помошник началник на Одделот за криминалистичка полиција на Полициската управа Цеље изнесе детали од трагедијата
„Според досега собраните информации, државјанинот на Северна Македонија во нејзиното возило ја чекал жртвата со која биле во врска извесно време. Кога го стартувала автомобилот за да излезе од паркингот на пристапниот пат, тој прво пукал во неа со пиштол, а потоа се застрелал и самиот“, откри Дебелак.
Тој истакна дека убиецот и претходно се заканувал на жртвата, а два пати полицијата му поднела кривични пријави, едната во август годинава поради закана дека ќе ја запали куќата на Дарја и ќе ја однесе во странство.
„Исто така, постапивме со него поради сомнение дека сторил кривично дело неовластено снимање видео и во двата случаи поднесовме кривична пријава до Окружното државно обвинителство во Словењ Градац“, откри понатаму Дебелак.
Според пријателите на Дарја, која по потекло е од Памече, работела како возач на кипер во приватна фирма, а имала и две деца од претходниот партнер.
Кенан бил многу љубоморен и не можел да го прежали раскинувањето, па вчера дошол во кругот на фирмата во која работела Дарја, пишува Дневник.
„Дарја веднаш откако се слушна истрел ја отвори вратата од возилото и со едната нога згазна на земја како да сакаше да излезе од возилото, но очигледно беше премногу повредена и не успеа. Кога на местото на настанот пристигнале болничарите и полицијата, на почетокот настанала паника, бидејќи никој не знаел каде е убиецот. После тоа, полицајците го виделе во багажникот, каде што очигледно влегол и чекал неколку часа да си ја заврши работата“, рекоа очевидци.
Според Роберт Брезовник, кај кого починатата била вработена една година, тој го познавал и убиецот, кој повеќе пати бил во фирмата за да ја демне жртвата и ѝ се заканувал.
Мештаните велат дека откако Дарја ја раскинала врската Кенан објавил видео од нивната сексуална врска на Фејсбук, а откако му бил блокиран пристапот до Интернет, тој побегнал во Северна Македонија, каде што наводно веќе имал сопруга и две или дури три деца.
„Ова било дополнителна причина таа да ја прекине врската со него“,изјавија мештаните.
Но, само еден ден пред трагичниот настан, Кенан бил забележал во Дравоград.
„Очигледно, тој дојде да го заврши она што го имаше зацртано. Таа ми го покажа видеото од заканата што ѝ ја упатил преку телефон. На снимката и рекол дека „ќе и забоде нож во срцето“, а потоа и покажал надгробна плоча со нејзиното име, на која покрај годината на нејзиното раѓање бил наведен и датумот на нејзината смрт “, рече пријателот на несреќната жртва.