Во Словенија се одржани седми претседателски избори на кои се натпреваруваа седум кандидати. Според прелиминарните резултати во вториот круг од изборите се пласираа кандидатот на десницата Анже Логар и независната кандидатка Наташа Пирц Мусар.
Гласачките места ширум Словенија беа отворени од 7 до 19 часот.
Објавени се прелиминарни резултати по преброени 93,96 отсто од гласовите и јасно е дека никој од кандидатите не освои натполовично мнозинство и дека Словенија новиот претседател ќе го добие во вториот круг кој ќе се одржи на 13 ноември и во кој ќе се натпреваруваат двајца кандидати со најголем број гласови.
Според прелиминарните резултати во водство е Логар со освоени 33,97 отсто од гласовите. Логар е поранешен министер за надворешни работи на Словенија од периодот на владеењето на Владата на Јанез Јанша и актуелен пратеник во парламентот на Словенија. Тој е кандидиран од др. Романа Јордан и група гласачи, а ја има поддршката од словата Словенска демокраска партија (СДС).
Во вториот круг, според прелиминарните резултати, во претседателската трка како второпласирана ќе се бори Наташа Пирц Мусар со освоени 26,88 отсто од гласовите. Таа е доктор на правни науки и адвокат која ја кандидираа Бисерка Марлот Меден и група гласачи. Ја има поддршката на поранешните словенски претседатели Милан Кучан и Данило Турк.
Во обид да стане првата претседателка во историјата на Словенија ја поддржува и нејзиниот сопруг, Алеш Мусар, еден од најбогатите Словенци.
Трето место во првиот круг од претседателските избори во Словенија освои Милан Брглез со 15,41 отсто од гласовите. Брглез веќе упати честитки до конкурентката Пирц Мусар. Се очекува во вториот круг да ја поддржат и Социјал-демократите и Движењето Слобода, односно шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон и премиерот Роберт Голоб, кои до сега го поддржуваа Брглез.
Потоа следуваат Владимир Пребилич (10,66 отсто), Сабина Сенчар (5,96 отсто), Јанез Циглер Краљ (4,32 отсто) и Миха Кордиш (2,8 отсто).