Електростопанството на Босна и Херцеговина (ЕП БиХ) соопшти дека и покрај максималните напори и континуираната работа на екипите за отстранување на дефектите, состојбата со снабдувањето со електрична енергија се влошила во текот на ноќта, па 127.000 потрошувачи во моментов се без струја.
„Ситуацијата во кантонот Тузла е исклучително тешка. Поради дефект на 70 далноводи, без струја се повеќе од 65.000 корисници во Челиќ, Тузла, Грачаница, Градачац, Калесија, Кладње, Лукавац, Сапна, Сребреник, Живинице и Бановиќи“, соопшти ЕП БиХ.
Оттаму додаваат дека на подрачјето на Зеничко-добојскиот кантон најтешка е во Маглај, Завидовиќи, Зеница, Тешње, Какње, Добој Југ, Олов, Тешње, Високо и Вареш. На среднонапонската мрежа се евидентирани 65 дефекти кои без напојување останале околу 30.000 корисници.
Во Уско-санскиот кантон сѐ уште е тешка ситуацијата. Без струја се околу 19.000 корисници во Чазин, Бихаќ, Босанска Крупа, Сански Мост и Велика Кладуша.
„Продолжените врнежи од дожд и снежните наноси предизвикаа проблеми во снабдувањето на речиси 7.000 клиенти во Бугојно, Травник, Витез, Кисељак, Бусовача, Доњи Вакуф и Фојница во кантонот Централна Босна“, соопшти Електропривреда БиХ.
Во кантонот Сараево, поради дефект на среднонапонската мрежа, во моментов без напон се четири трансформаторски станици во месноста Хаџиќ.
Во текот на ноќта евидентирани се неколку минливи дефекти, поради што корисниците останаа без струја во месноста Бјелашница, Нишиќ и Тиховиќ.
Снабдувањето продолжува да биде отежнато во Коњиќ и Јабланица во Херцеговско-неретванскиот кантон.
Прекините на струјата беа предизвикани од дефекти на 35 кВ, односно 20 и 10 кВ далноводи, предизвикани од оптоварувањето со влажен снег и искршените дрвја.
Екипите на ЕП БиХ постојано се на терен и во исклучително тешки услови вложуваат максимални напори за отстранување на дефектите.
Отежнувачка околност е непристапноста на теренот поради обилните снежни наноси и постојаното евидентирање на нови дефекти.
„Имајќи ги предвид вонредните околности и прогнозата за континуирани врнежи, ЕП БиХ ги повикува своите клиенти на трпеливост и разбирање“, се додава во соопштението.