Хуманитарната невладина организација „Легис“ од Скопје преку свој проект во соработка со турската меѓународна организација ИХХ, во палестинска Газа, која е под постојани израелски напади од 7 октомври минатата година, дистрибуираше питка вода.
Јасмин Реџепи од „Легис“ истакна дека по успешно спроведените хуманитарни акции за дистрибуција на храна пред и за време на Рамазан, како и подготовка на месото од курбани во конзерви за дистрибуција во Газа, „Легис“ продолжи со уште една активност на терен, а тоа е дистрибуција на питка вода за потребите на цивилното население во Газа.
„Се работи за помали цистерни од 5 000 литри, кои ги покриваат само основните потреби на ограничен број семејства кои успеваат да дојдат до дистрибутивните точки во различни населби“, нагласи Реџепи во изјава за ТРТ Балкан.
„Водата е основно човеково право, кое за жал, поради условите на војна, на цивилното население во Газа им е ускратено. Поради уништената водоводна мрежа, како и поради уништените бунари, населението во Газа живее со 2 литри питка вода дневно, во просек.Оттука и осумте цистерни вода обезбедени од граѓаните на Северна Македонија се од големо значење за преживувањето на многу семејства“, појаснува Реџепи.
Соработка со турската меѓународна организација ИХХ Тој информираше дека акцијата е спроведена во соработка со турската меѓународна хуманитарна организација ИХХ.
„Сите наши активности надвор од Македонија веќе 15 години ги спроведуваме со турската меѓународна организација ИХХ, која благодарејќи на турската химанитарна дипломатија има пристап секаде во светот и во секакви услови. Турција (Туркије) и ИХХ се наш стратешки партнер во претставување на Македонија во најхумано светло“, изјави Реџепи.
Со цел да му се помогне на населението во Газа и да се обезбеди хуманитарна помош, Реџепи истакна дека работат и на други проекти за кои сметаат дека се од особено знаење за населението.
„Нареден проект на кој работиме е дистрибуција на хигиенски пакети во Газа. Хигиената во Газа е на најниско ниво, се шират разни кожни инфекции меѓу децата, па наша цел е да поделиме еден камион од 700 семејни пакети за лична хигиена“, вели Реџепи.
Целта на хуманитарните акции е олеснување на страдањето на населението во Газа
Како што појаснува тој, поради затворениот премин Рафах, хуманитарната помош не може да пристигнува повеќе од страна на Египет, и сè е насочено преку Јордан и Израел, каде што стотици камиони чекаат на ред за влез, а се пропуштаат десет до дваесет дневно. „Се надеваме дека камионот од Македонија непречено ќе влезе во Газа и дека дистрибуцијата ќе се реализира што побрзо“, вели Реџепи.
„Целта на нашите хуманитарни акции во Газа е да им го олесниме страдањето на цивилите во услови на војна и да ја пренесеме солидарноста на нашите сограѓани, претставувајќи ја Македонија во најхумано светло“, порача Реџепи во изјавата за ТРТ Балкан.