Одржлива, иновативна и конкурентна економија, одржлив локален и регионален развој што обезбедува кохезија, демографска ревитализација, социјален и културен развој, сигурно, безбедно и отпорно општество, зелена трансформација, владеење на правото и добро управување, се шесте клучни области на Националната развојна стратегија (НРС) за периодот 2024 – 2044 година што вчера попладне ја донесе Собранието на Република Северна Македонија со 70 гласови „за“, еден против и ниту еден воздржан.
Стратегијата, како што беше речено, е водечки документ со кој се дефинираат главните национални развојни цели, стратешки области и приоритети за забрзан, инклузивен, рамномерен, родово еднаков и одржлив развој на Република Северна Македонија. Донесена е со политички консензус и низ инклузивен процес во кој биле вклучени МАНУ, Владата, Собранието, академската заедница, експерти, граѓанскиот и бизнис секторот, како и политичките партии.
И додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дадоа целосна поддршка за донесување на Стратегијата, Белерем Беџети од ДУИ побара нејзино повлекување и корекции, повикувајќи се на актулените случувања со Уставниот суд. Реџеп Исмаил од Левица, пак, оцени дека НРС е историски промашена, методолошки неточна и идеолошки изгубена.
„Основната идеја на НРС е да овозможи континуитет во стратешкото планирање и конзистентен одговор на главните предизвици, без оглед на политичката ориентација. НРС е клучен стратешки документ што ја дефинира визијата за развој на Република Северна Македонија, која во основа се темели врз три базични национални развојни цели: Зајакнување на конкурентноста на економијата преку функционален и иновативен екосистем, усовршување на вештините, знаењето, вклученоста и отпорноста на граѓаните, Модели на управување што се отворени, отчетни, сеопфатни и отпорни, способни да спречат и соодветно да реагираат, поттикнувајќи просперитет за сите општествени групи, како и Социјалната инклузија што подразбира подобрени социјални, здравствени и образовни услуги во насока на обезбедување корист за поединците, бизнисите и за општеството во целина, истакна заменик министерката за животна средина и просторно планирање“, вели Ане Лашкоска, образложувајќи го текстот.
Според Лашковска, како стратешки и развоен документ, НРС ги идентификува клучните предизвици и државните приоритети, особено имајќи го предвид стремежот на земјава да се приклучи кон Европската Унија до 2030 година, како и заложбата за одржлив развој преточена во Агендата 2030.
„Луѓето во Република Северна Македонија имаат висок животен стандард, реализирајќи се во економија што е одржлива, конкурентна и нуди еднакви можности за сите. Институциите се ефикасни, отчетни, одговорни, иновативни и отворени за учество на граѓаните. Заедниците во кои живееме се зелени, безбедни, отпорни на современите ризици и опасности, инфраструктурно поврзани и дигитализирани. Овие услови придонесуваат да се создаде основа за просперитетни млади, поединци што се задоволни, среќни, здрави и луѓе што активно стареат. Уметноста и културата се столбовите на нашето општество и придонесуваат за подобрување на колективната благосостојба и за меѓународната перцепцијата за државата. Нашата држава е активен и почитуван член на меѓународните организации и на регионалните иницијативи, каде што промовира вредности, норми и процеси што резултираат во подобрување на животот на сите луѓе, е визијата на Стратегијата.“
Како што подвлече Лашковска, развојот на човечкиот капитал и дигитализацијата на општеството се централни елементи и се основен предуслов за напредок во секоја стратешка област.
Фатмир Битиќи ги повика пратениците да го поддржат усвојувањето на Стратегијата.
„Одлуката за донесување на Стратегијата надминува политички поделби и лични амбиции и отвора врата за просперитиет и развој. Ова е повеќе од лична и политичка одлука, ова е момент кој бара зрелост одговорност и консензус. Над 14 000 граѓани од сите сфери и политички партии придоенсоа за создавање на документот. Ова не е Стратегија на една влада или една партија, туку од сите нас за сите нас. Овој документ успеа да ги обедини различните гласови и интереси. Ова е патот што ќе ја води земјава кон долгорочен развој. Покажуваме дека ги цениме различните мислења и дека сме заинтерсирани да ги интегрираме во заеднички план. Граѓаните очекуваат соработка, консензус и визија која ќе ги надмине тековните политички битки и поделби. Стратегијата овозможува да ги зачуваме различностите, но и да ги надминеме за заедничка цел. Консензуалното усвојување ќе има и доглорочни политички импликаци, нема да помогне само да ги решѓме економските предзвици, туку ќе ја зголеми довербата во нашиот политички истем. Докажавме дка сме способни за компромиси и соработка, а компромисиот не е слабост, туку е израз на политичка зрелост и одговорност“, подвлече Битиќи.
Според него, НРС нуди решенија за иднината на државата која ќе биде економски и еколошки посигурна за сите.
Пратениците на седницата ја донесоа и Програмата за спроведување на Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2028 година.