Опозицијата го спречи одржувањето на последните две собраниски седници и го оневозможи говорот на пратениците на владејачката Социјалистичка партија / Photo: AA

Денешната седница на Собранието на Албанија повторно ја одбележаа тензии и инциденти, откако претставници на опозициската Демократска партија на Албанија превртуваа столчиња во салата и се собраа на говорницата за да ја попречат расправата за предлог-законите.

Пратениците на Демократската партија и други претставници на опозицијата надвор од пратеничките групи ја блокираа говорницата со столчиња, а користеа и пиротехнички средства во салата.

Претседателката на Собранието, Линдита Никола, на отворањето на седницата посочи дека се што се случува е „срам за албанскиот парламентаризам“.

„Заборавате дека парламентот не се фотелји, не е зграда, тоа е одговорност и волја која ви недостига, рече Никола“, обраќајќи ѝ се на опозицијата.

Поранешниот премиер на Албанија Сали Бериша, кого Собранието го признава за претставник надвор од пратеничките групи поради неодамнешните конфликти во Демократската партија, нагласи дека бараат „враќање на правото на опозицијата да ја врши својата законодавна активност“.

И покрај опструкциите, Собранието усвои неколку предлог-закони за кои беше планирано да се расправа на денешната седница, меѓу кои и измените на законот за државна адвокатура и ратификацијата на договорот меѓу Албанија и Бугарија за социјална заштита.

По нивното усвојување, Никола ја прекина седницата.

Пратениците на Демократска партија на Албанија и други членови на опозицијата надвор од пратеничките групи го спречија одржувањето на последните две собраниски седници, со што беше оневозможен говорот на пратениците на владејачката партија, Социјалистичката партија на Албанија.

„Опозицијата е решена во оваа битка во парламентот со сите сили да ги брани своите уставни права“, изјавија од опозицијата, посочувајќи дека „отпорот на опозицијата ќе започне во парламентот, кој се претвори во приватна институција на премиерот Еди Рама и претседателката на Собранието Линдита Николка“.


AA
Популарни