Интерпелацијата за работата на собранискио спикер Африм Гаши не беше прифатена во Собранието, откако 72 пратеници гласаа против, додека 21 пратеник гласаше „за“, по жестока дебата меѓу пратениците на денешната седница.
Интерпелацијата за Гаши беше поднесена од пратеничката група на Левица. Поддршка за интерпелацијата даде опозициската СДСМ, додека против беа ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.
На гласањето пратениците на ДУИ не присуствуваа во салата, кои претходно рекоа дека нема ја поддржат интерпелацијата и покрај што имале забелешка за работата на Гаши.
Во образложението за интерпелацијата од Левица беше наведено дека собранискиот спикер работел нестручно, неуставно, неделовнички и дека ја повредил секуларноста на државата, бидејќи дозволил извршување на верски обреди на една од седниците на комисиите.
Гаши во своето излагање истакна дека секој носител на државна функција мора да одговара за своите постапки и им се заблагодари на пратениците што ја поднеле оваа интерпелација, додавајќи дека само на ваков начин ќе се расчистат сите сомнежи и грижи на јавноста.
За обвинувањата за кршење на секуларизмот, Гаши рече дека всушност станува збор за исламофобија и неосновани обвинувања.
„Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку против добрососедските односи и заложби за повлекување на признавањето на Косово, ова не е интерпелација за наводната повреда на Законот за јазиците, туку поради фобијата против албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот. Ова не е интерпелација кон знамето на ЕУ и НАТО, туку интерпелација кон нашата стратешка цел, изјави Гаши.
По неговото излагање, Гаши ја напушти салата за да не влијае на расправата и гласањето за интерпелацијата.