Советот на министри за внатрешни работи на 27 земји членки на Европската унија (ЕУ) во прво читање го усвои текстот на одлуката за патување без визи за носителите на пасошите што ги издава Косово.
Марија Малмер Стенергард, министерката за миграции на Шведска, земјата која моментално е претседавач со ЕУ, рече дека Косово вложило големи напори да ја подобри својата безбедност и управувањето со миграциите и својата визна политика да ја усогласи со политиката на ЕУ.
„Се надеваме дека нашата соработка во овие области и понатаму ќе биде плодоносна“, рече Стенерград.
Во соопштението на Советот на ЕУ наведено е дека новите правила ќе им овозможат на сопствениците на косовските пасоши да патуваат во ЕУ без виза во период од 90 дена во било кој период од 180 дена.
„Исклучок од визното барање ќе се применува од датумот кога Европскиот систем на патните информации и авторизација (ЕТИАС) ќе почне да функционира или од 1 јануари 2024 година, што и да се случи прво“, се наведува во соопштението и се додава дека новите правила сега треба да ги усвои Европскиот парламент пред да бидат потпишани.
Косово е единствената земја во регионот на Западен Балкан која нема визна либерализација со земјите од ЕУ, што се дел од Шенген зоната.