Според српското МНР, Хрватска грубо се меша во политичките процеси во соседната земја

Српското Министерство за надворешни работи ја оцени како „непримерна“ реакцијата на хрватските власти кои „ја обвинуваат Србија за загрозување на слободата на движење и говор“ откако пет хрватски државјанки беа приведени во Белград.

Од српското Министерство за надворешни работи велат дека „надлежните државни органи во Белград со приведените хрватски државјанки постапувале во согласност со законските процедури и вообичаената меѓународна практика.

„Република Србија останува заинтересирана за градење хармонични и продуктивни односи со сите нејзини соседи, вклучително и со Република Хрватска, но таквите односи мора да се градат со заеднички напор, а не преку речиси секојдневни јавни пораки кои генерираат антисрпско расположение во Хрватска, и секако не преку грубо мешање во политичките процеси во соседната земја“, нагласуваат од српското МНР.

Во четвртокот, Загреб, наводно, испратил протестна нота до Белград, барајќи објаснување и изразувајќи силен протест поради третманот на пет хрватски граѓани.

Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман изјави дека за активностите на српската полиција ќе ја информира делегацијата на Европската унија во Белград, Европската комисија и полското претседателство со Унијата.

Хрватското Министерство за надворешни работи денеска ги повика своите граѓани „да бидат внимателни“ и „темелно да се информираат пред да отпатуваат за Србија“.

И српските и хрватските невладини организации го осудија „заплашувањето на српската полиција која приведе, а потоа протера неколку активисти“.

Покрај петте Хрватки, според невладините организации, во средата од Србија биле протерани уште осум лица од Словенија, Романија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.

Депортираните лица учествуваа на работилница за невладини организации во Белград, организирана од фондацијата Ерсте.


TRT Balkan / агенции
Популарни